Вечерва СДСМ е победник. Одржа уште една лекција од демократијата. Сега можеме да славиме за успешните избори, но од утре мора да ги засукаме ракавите и да се фатиме за работа. Наша е одговорноста за се што ќе се случува во партијата, но и во државата, порача синоќа Димитар Ковачевски по изборот за претседател на СДСМ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кој е Димитар Ковачевски, новиот претседател на СДСМ
Димитар Ковачевски е новиот претседател на СДСМ
Ковачевски во обраќањето напомена дека секогаш кога СДСМ е силен и има јасна агенда, државата оди напред.
-Затоа ни треба силен и обединет СДСМ кој има јасни цели и енергија за нивно спроведување. Ние сме столб на прогресивниот дел од општеството и граѓаните со право очекуваат од нас да работиме посветено и одговорно. Вечерва завршуваме со ветувањата, од утре почнуваме со реализација. Не чека напорна работа за да ја вратиме довербата на граѓаните и членството, истакна Ковачевски.
Тој му се заблагодари на досегашниот претседател на СДСМ, Зоран Заев не само зашто во својот мандат остварил многу значајни победи, туку и зашто со храброста сите ги мотивирал и инспирирал.
-Заев го консолидираше СДСМ во многу тешки услови, ги врати слободата и демоктатијата, со граѓаните го сруши режимот на Груевски, воспостави едно општество за сите, ја внесе државата во НАТО и ја донесе пред портите за преговори на ЕУ, не научи што е лидерство, ни остави аманет да го продолжиме патот на демократскиот развој и ние од тој пат нема да отстапиме, рече Ковачевски.
Новиот лидер на СДСМ се осврна и на својата прогама „Заедно, одговорно и посветено“ која, како што потенцира, има три клучни принципи.
-Мора да го вратиме единството во партијата, мора да ги продолжиме социјалдемократски вредности и врз основа на нив да ги градиме државните политики, а за тоа ќе ни требаат најдобрите луѓе.
Мора и да се даде фер шанса на сите што имаат професионален капацитет – да ја отвориме партијата за нови кадри и во државата и надвор од неа кои ќе донесат нов менталитет во управувањето и во партијата и во инстутициите. Да работиме со здружени сили, нашата земја да биде водена од социјалдемократските принципи, истакна Ковачевски.
Според него, во партијата секако ќе има место и за неговите противкандидати, Јован Деспотовски и Форисна Ременски, со кои, како што напомена, има одлични односни и одамна соработува.
На новинарско прашање околу македонско-бугарскиот спор доколку добие мандат за состав на новата влада, Ковачевски одговори дека во моментов земјава води разговори со Бугарија кои базираат на европски вредности и во нив се почитуваат донесените резолуции.
-Ќе продолжиме во тој дух. По четири позитивни последователни извештаи од Европската комисија, сега е време ЕУ да определи датум за првата меѓувладина конференција и за почеток на преговорите, истакна Ковачевски.
Во врска со новите кадровски решенија во Владата и ресорите, тој рече дека ќе мора да се почека одлуката на партискиот Централен одбор.
-Веќе почнаа раговорите за преземање одговорности во новата влада што значи и преземање одредени позиции. Предлагањето на министрите, односно кадровските решенија се прави од телата на партијата, посочи Ковачевски.
За партиското раководство, пак, и неговиот состав, Ковачевски е дециден дека ќе се избираат кадри кои на најдобар начин ќе ги отсликаат програмските определби на СДСМ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Каков имот пријавил Димитар Ковачевски, кој ќе се кандидира за претседател на СДСМ
МИА/Фото: СДСМ