Со 1.300 амандмани Левица ја блокираше собраниската седница на Комисијата за транспорт и врски на која требаше да се расправа и за предлог законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
– Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов поднесоа вкупно 1.300 амандмани до собраниската архива за новиот Закон за аудио-визуелни медиумски услуги со кој треба да се помогне недемократското и авторитарно дејствување на властите, посочија од Левица.
Со законски измени, владиното рекламирање повторно се враќа во медиумите, а најголем дел од парите ќе ги земаат петте национални телевизии, а помал дел регионалните медиуми.
Против овие измени се сите новинарски здруженија: Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ).