Левица до Основното јавно обвинителство поднесе кривична приjава против поранешната министерка за финансии, Нина Ангеловска.
Причината за пријавата е тоа што Ангеловска, додека била на функција, злоупотребувајќи инсајдерски сензитивни информации го повлекла својот депозит во вкупен износ од 250.000 евра од Еуростандард банка непосредно пред банката да пропадне, со што ја искористила службената положба за остварување лична корист и се поставила во привилегирана и фаворизирачка позиција во однос на останатите доверители.
По повод оваа пријава, Јована Мојсоска, член на Президиумот на Левица пред Обвинителството одржа прес-конференција.
„Со ваквото умислено и противправно однесување пријавената го прекршила член 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси со што се исполнети условите за кривичен прогон по службена должност за сторено тешко кривично дело несовесно работење во службата“, изјави Мојсоска.
Од партијата велат дека за ова кривично дело е предвидена тригодишна затворска казна како јавен деликт насочен против службената положба.
„Дополнително и Антикорупциска комисија отвори предмет против поранешната министерка, каде констатира етичка и професионална одговорност кај пријавената.
Ова е јасна оценка за нарушениот кредибилитет и интегритетот на Ангеловска, како носител на јавна функција и поради тоа сметаме дека треба да се повлече од извршување на сите јавни функции.
Потенцираме дека самата постапката е фарсична, каде се констатира само еитчка, а не и правна одговорност и поради тоа нашите пратеници во координација со спикерот ќе ја повикаат претседателката Билјана Ивановска на првите пратенички прашања, кои ќе се одржат на крајот на месецов“, велат од партијата.
Левица ја разгледува можноста да ја прошири кривичната пријава и против други поранешни или актуелни службени лица.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ