Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, одржаа состанок во Владата со менаџментот на реномираната германска компанија „Лидл“, информираа од Владата.
На состанокот се дискутирало за новата инвестиција на трговскиот ланец „Лидл“ во Македонија, а компанијата веќе е регистрирана во земјава.
Менаџментот на компанијата „Лидл“, бил претставен од Волф Тиедеман, член на Управниот одбор, Милена Драгијска, извршен директор на „Лидл“ – Бугарија и „Лидл“- Северна Македонија, Бисер Инчовски, директор на централните служби, како и Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија и тие ги презентирале плановите за новата инвестиција во земјава.
„Од менаџментот истакнаа дека компанијата планира својата прва инвестиција во Северна Македонија да ја реализира преку изградба на сопствен модерен логистички центар кој ќе ги поседува сите меѓународни сертификати на „Лидл“ и кој ќе служи како центар за снабдување на синџирот маркети.
Опремата која ќе се користи во центарот за логистика е според најсовремените стандарди во Европа.
На средбата во однос на стратегијата за експанзија, беше истакнато дека сите маркети кои „Лидл“ планира да ги отвори во земјава ќе бидат позиционирани во градовите со одржлива демографска и економска моќ.
Плановите на „Лидл“ за инвестициите во Северна Македонија се да оствари долгорочна, одржлива, одговорна соработка, како со своите клиенти, деловни партнери, така и со своите вработени, но истовремено да делува како општествено одговорна компанија со одговорност кон животната средина.
Менаџментот на компанијата Лидл истакна дека се надева на конструктивна соработка со македонските институции и во иднина,“ се вели во соопштението на Влада.
Фото/Photo by K. Mitch Hodge on Unsplash/Влада