еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Линдон Бериша: Тој беше горд на Ерзана, сега сестра му е горда на него

Познатиот албански пејач, продуцент, текстописец Линдон Бериша за „еМагазин“ го даде едно од првите интервјуа за македонските медиуми. Со Бериша бевме дел од инфо-групата на „Фибула“ во Анталија, каде што и одблиску можевме да се запознаеме. Позитивен, музикален, дружељубив, интересен поминавме супер моменти исполнети со смеење.

Со Линдон го направив првото интервју покрај море, во кафуле со „чил аут“ музика и звук на брановите.

„Како автор најпрво започнав со пишување на текстови и работата најповеќе се одвиваше во студио. Понатаму сфатив дека сакам да се пробам како пејач. Фала Богу ми се поклопија некои коцки со квалитетни соработки и успеав да имам добра и солидна кариера со концерти, емисии во Албанија и Косово“, вели Бериша.

Порано соработувал со Адријан Гаџа, Фљоријани, со Туна, но и со други пејачи од Косово и Албанија кои помалку им се познати на македонската јавност. Со посебна почит зборува за соработката со Дарко Димитров.

„Имам долга и добра соработка со Дарко Димитров и ми е чест и задоволство што имам можност да соработувам со него. Ние се знаеме и фамилијарно. Татко ми, покојниот Агрон Бериша кој беше долго време во овој бизнис, се знаел со татко му на Дарко, Славе Димитров кој остави силен печат на македонската музичка сцена. Така што долго време соработувам со него за албанската естрада, но и за македонската. Ми има зададено некои текстови да пишувам. Пробав, но ми треба време да се концентрирам и на тој пазар, бидејќи си бара големо внимание.

Бидејќи ми е мајчин јазик повеќе сум концентриран на албанскиот пазар, но тоа не значи дека во иднина нема да пробам и некое ново искуство. Не се ограничувам. Доаѓам од музичка фамилија која има придонесено за македонската култура воопшто и за албанската. За нас бил важен квалитетот, добрата музика, така и не знаат во нашите кругови“, вели Линдон.

Линдон Бериша е помалиот брат на пејачката Ерзана, која живее во САД. За неа тој ќе рече дека иако е далеку и има обврски околу четирите деца, сепак го следи и советува во она што го работи.

„Како најмал брат на Ерзана, во времето кога таа пееше, бев горд дека ми е сестра. Луѓето кога ќе дознаеја дека сум нејзин брат, реакциите беа со воодушевување. Сега се случува обратно. Сестра ми ми е како втора мајка, се интересира за се, ме прати, ме советува дури некогаш и повеќе од што треба. Некогаш не можам да ја разберам, има четири деца, но сепак наоѓа време за мене да ме следи. Таа живее во Америка веќе 20 години. Доаѓа скоро секоја година“, додава Бериша.

Музиката на светски познатите пејачки Дуа Липа, Рита Ора, Ера Истрефи го смета за важен момент во историјата на албанската музика, но според него, треба да се истакне дека не придонеле само за албанската историја, туку и воопшто за овој дел на Балканот и регионот.

„Тоа дава надеж и има отворено голема врата за сите артисти да се надеваат и да работат напорно. Нема пишано правило за успех. Треба само да се работи, да се верува. Нормално дека на артистите кои се родени во странство им е малку полесно, имаат контакти и поголеми можности“, вели тој.

Според него, важно е напорно да се работи и да се верува во големи соништа без страв.Тој до сега нема издадено албум, бидејќи има друга стратегија односно објавува синг по сингл.

„Кога работам се фокусирам на еден проект, но иднината не знаеме што носи. Ќе оставам да тече природно. Немам планови големи, но на среќата не и се знае. Во моментов прекинав како артист, а се навратив на соработка со едно девојче Ханита Сума, чиј што проект помина добро“, додава Бериша на кој му станав фан, откако изгледов некој од спотовите.

П.С. А тоа колку не се познаваме говори фактот што јас не го знаев Бериша, а Али не го знаеше Лозано. Што треба да се промени!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Галерија) Гостопримливост во Турција: Газда на хотели лупи пиперки на негови гости

(Галерија) Турција е топ туристичка дестинација летово: Работливи, гостопримливи и љубезни

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

15 години затвор за неготинецот што ја претепа партнерката, која почина од повредите 

Редакција

5G за секого: Македонски Телеком ги претставува T Phone и T Phone Pro

Редакција

Кадиров вели дека нема да има мобилизација во Чеченија, веќе дале доволно војници на Русија

Редакција