Фондација Мартин Здравковски ќе организира меморијална хуманитарна крводарителска акција, на 18. јули од 8 до 14 часот во ДХО „Даре Џамбаз“ Центар – Скопје.
„Кога нам ни требаше помош, стотици луѓе излегоа во пресрет и тоа никогаш нема да го заборавиме. Ова е нашата прва активност, за да се оддолжиме и да помогнеме! Затоа, ги молиме хуманите граѓани кои се во можност, да дадат свој придонес во крводарителската акција.
Пред една година, го изгубивме најскапоценото. Го дочека петтиот роденден, но не и шестиот. По само три недели борба, нашиот Мартин Здравковски на 18. јули 2023 година ни одлета кај ангелите. Како да дојде на овој свет да ни покаже што значи да шириш љубов, а потоа ни се протна низ раце, сè уште несвесни, оставајќи нè во болка која корне одвнатре и е незамисливо да се опише.
Ги собравме силите што ни останаа и решивме да ја продолжиме мисијата која тој, во својот краток животен век, ја ширеше меѓу луѓето – љубовта.
Во негова чест, ја основаме Фондацијата Мартин Здравковски 13, со неговиот лик и неговата боја – сината. Боја која тој ја сакаше затоа што сакаше еден ден да облече полициска униформа, но и боја која го одразува она каде што сега се наоѓа тој, некаде горе…
Основната цел на Фондацијата Мартин Здравковски 13 е да работи на подобрување на квалитетот на животот на децата, преку образовни, спортски, истражувачки и забавни активности, како и подигање на јавната свест за грижата и хуманоста кон децата. Ќе поддржуваме и организираме хуманитарни настани за деца и ќе се грижиме за нивното општо здравје и благосостојба.
И знаеме дека со оваа мисија, Мартин би бил горд на нас, како што ние бевме на него,“ се вели во апелот.
Фото: Унсплеш