еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Македонија да се фокусира на демократијата и владеење на правото, порачуваат од Пентагон

Важно за регионалната и глобална безбедност е Македонија да се фокусира на демократијата и владеење на правото, изјави заменик-помошникот секретар за одбрана на САД за европска и НАТО политика Спенсер Бојер за Гласот на Америка на македонски.

Прашан дали верува дека корупцијата во Македонија е закана за нејзината национална безбедност, Бојер истакна дека ставот на Пентагон е оти владеењето на правото и демократијата се важни за да има силни системи кои ќе бидат отпорни и ќе придонесат и за регионалната и за глобалната безбедност.

– Ќе оставам на моите колеги од Стејт департментот да зборуваат за политиката и политичките напори што ги имаме со Северна Македонија. Она што можам да го кажам од страната на Одделот за одбрана е дека го гледаме нашиот однос како расте и како вистинска основа за севкупните билатерални односи.

Се разбира, ние се грижиме за демократијата и владеењето на правото во целина за сите наши сојузници и партнери. Сметаме дека фокусирањето на тие работи и постоењето силни демократии се важни за да се има силни системи за да бидат отпорни, да придонесат пошироко за регионалната и глобалната безбедност. Така што тоа е секогаш важно, вели Бојер.

Според него, членството на Македонија во Европската Унија е важно за безбедноста и стабилноста пошироко. САД ја поддржува евроинтеграцијата на земјата, но, вели, за темпото на пристапување одлучува ЕУ.

– Нема да навлегувам во спецификите на односот меѓу Бугарија и Северна Македонија за конкретни политички прашања. Тоа ќе го оставам на другите да го направат, но она што би го кажал за Европската Унија и аспирацијата на Северна Македонија да стане членка, е нешто што ние целосно го поддржуваме.

Се разбира, зависи од Европската Унија да донесе сопствена одлука за членството, но ние го гледаме процесот на придвижување кон членство во ЕУ, пошироката евроатлантска интеграција, да се надгради на влезот на Северна Македонија во НАТО во 2020 година, како важно, нагласи Бојер.

За тоа дали можното натамошно одложување на пристапниот процес од една страна, и тензиите меѓу Косово и Србија од друга страна, треба да бидат аларм за ЕУ, со оглед на ризик од натамошна ескалација, Бојер вели дека „секогаш постои шанса нешто што е во одредена област да се прошири, и ние внимаваме на тоа и правиме се` што можеме како земја, и работиме со Северна Македонија и другите, да се обидеме да осигураме да го стабилизираме регионот“.

Тој истакна дека САД го ценат „она што го направи Северна Македонија во однос на придонесот со војници во мисијата на НАТО во Косово, од која САД се дел со децении“.

САД и Македонија минатиот месец потпишаа десетгодишен план за соработка во одбраната, кој ги постави целите за двете држави да работат заедно на решавање на заедничките одбранбени предизвици.

Бојер вели дека овој патоказ предвидува билатерална и регионална соработка и политика, модернизација на одбраната, соработка во однос на сајбернападите и справување со дезинформациите.

Тој ја пофали и помошта и поддршката што Макеоднија и ја дава на Украина.

– Го цениме она што го прави Северна Македонија за регионалната безбедност, за европската безбедност. Таа е прекрасен сојузник во однос на нашата трансатлантска безбедносна врска и навистина ни помага да возвратиме против руската агресија и ја поддржува Украина во многу важен момент.

Затоа што она што се случува во Украина сега не е важно само за Европа и за трансатлантската заедница, туку и за глобалната заедница, рече заменик-помошникот секретар за одбрана на САД за европска и НАТО политика Спенсер Бојер.

МИА/Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Димитров: Жалам што не помина амандманот за бугарската реторика

Редакција

„АстраЗенека“: Вакцини против новите видови коронавирусот до есен

Редакција

Од коронавирусот во светот заразени над 90.000 лица, досега починале 3.119

Редакција