Последниот извештај на Европската агенција за животна средина, ЕЕА, покажува дека аерозагадувањето и натаму претставува најголема еколошка опасност по здравјето, а Северна Македонија и другите земји од регионот конзистентно покажуваат лоши резултати во анализите за последиците од загадувањето врз здравјето на граѓаните, јави дописничката на МИА од Брисел.
Албанија и Босна и Херцеговина бележат најлоши резултати во делот на смртни случаи поради животната средина и се на дното на скалата од вкупно 37 рангирани земји.
Албанија е на последно место, со 172 смртни случаи на 100 илјади лица.
Северна Македонија е осма од дното на скалата со 120 смртни случаи на 100 илјади.
Полошо од нашата земја се рангираат БиХ, Романија, Бугарија, Унгарија, Црна Гора и Летонија. Со рангирањето се опфатени 37 земји, 28 од Европската Унија, пет земји од Западен Балкан без Косово за кое агенцијата нема податоци и четири земји од Европската економска област (EEA).
Бројките на Агенцијата покажуваат дека квалитетот на животната средина помеѓу Источна и Западна Европа е драстично различна, па така во Исланд, кој е на врвот на скалата, прерани смртни случаи поради состојбата со животна средина изнесуваат 35 на 100 илјади. Шведска, Норвешка и Швајцарија исто така се рангираат меѓу најдобрите.
Во извештајот се пресметани сите еколошки фактори: загаденост на воздухот, почвата и водата со хемиски и биолошки агенси, но и звучното загадување и електромагнетските полиња, влошување на екосистемите, ултравиолетови и јонски радијации, ризиците поврзани со работното место, земјоделските методи, како и личниот однос кон животната средина и хигиената, како што е миењето раце и прехранбени производи.
Според анализата на Агенцијата, во Европа 90 отсто од смртните случаи поврзани за животната средина се незаразни болести како ракот, кардиоваскуларни болести, ментални и невролошки пореметувања, или пак астма.
Штетната животна средина во Европа, од воздушно и звучно загадување, со климатските промени и употребата на опасни хемикалии придонесуваат за секоја осма смрт, односно тринаесет отсто, според Агенцијата.
Во контекст на пандемијата со Ковид-19 станува итно за Европската Унија да преземе конкретни чекори, со оглед на тоа дека огромен дел од опасноста врз животната средина доаѓа од човечката активност.
-Ковид-19 е уште еден потсетник кој силно нѐ освестува за односот помеѓу нашите екосистеми и нашето здравје и потребата да се соочиме со фактите, начинот на кој живееме, консумираме и произведуваме е штетен за климата и негативно се одразува врз нашето здравје, изјави еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, по објавувањето на извештајот.
Еврокомесарот за животна средина, Врихиниус Синкевичиус, се осврна и на штетните последици врз најранливите групи во населението.
-Секој мора да разбере дека со грижа за нашата планета не само што ги спасуваме нашите екосистеми, туку и живот, посебно оние на најранливите, рече комесарот, со оглед дека овие лица се и најпогодени.
Аерозагадувањето е најголемата закана за здравјето на Европејците, со 400 илјади предвремени смрти, на второ место е звучното загадување. Јасно е дека источна Европа е посебно погодена од загадувањето, а Босна и Херцеговина има највисока стапка на смрт поради загадување – 27 отсто, наспроти девет отсто во Исланд и Норвешка.
Најсиромашните слоеви на населението се најпогодени и носат троен товар – сиромаштија, лоша животна околина и слабо здравје.
Извештајот препорачува поинтегриран пристап помеѓу политиките за животна средина и здравствените политики, со посебна заштита на најранливите групи и размножување на зелени решенија посебно во урбаните средини: повеќе паркови, места за релаксација, за физичка активност и социјална интеграција.
МИА