На Факултетот за електротехника и информациски технологии, денеска, беше откриена спомен плоча за значаен придонес на македонската во светската наука – Прво управување на робот со помош на сигнали од мозокот.
На отворање на спомен плочата присуствуваа претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Светската професионална организација на инженери ИЕЕЕ, Саифур Рахман и професор д-р Стево Божиновски, поранешен професор на ФЕИТ, сега професор на универзитетот во Јужна Каролина во САД.
Имено, во 1988 година, за прв пат во светот, во Македонија е управуван робот преку сигнали од мозокот реализирано од тимот Стево Божиновски и Михаил Шестаков од Електротехничкиот Факултет и Лилјана Божиновска од Медицинскиот факултет.
Повеќе информации за достигнувањето може да најдете на r8.ieee.org.
Водач на тимот кој го реализира делото, проф. Божиновски го објасни целокупниот успех на истражувањето и значењето на македонската во светската наука. Светската професионална организација на електротехнички и електронички инженери – ИЕЕЕ, на ова научно достигнување, му додели признание IEEE Milestone.
Овој тип спомен-обележје IEEE го поставува за научни достигнувања кои ги препознава како пресвртница во светската наука, момент на големо и важно достигнување (IEEE Milestone). Спомен-плочата е во сопственост на IEEE, најголемата светска професионална организација од областа на инженерството, компјутерските науки и сродните дисциплини, велат од меѓународната IEEE.
Според претседателот на државата, Стево Пендаровски, инженерите се движечката сила во секоја држава, тие придонесуваат за благосостојбата и напредокот на општествата.
„Во оваа прилика дозволете да искажам благодарност до Историскиот комитет на Институтот за инженери по електротехника што меѓу досега околу 200 најзначајни настани, вброии истражување случено во македонска институција од наши инженери, што е несомнено големо признание.
Нашата земја не може да биде исклучок од овие глобални трендови кои го диктираат развојот на националните економии, но, за тоа е потребно соодветно вреднување и поголема поддршка на инженерските струки и нивна популаризација меѓу младите,“ изјави Пендаровски.
За деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, професор д-р Владимир Атанасовски „првата роботска контрола од сигналите на човечкиот мозок претставува историски подвиг за нашата земја и за нашата наука.
„Тоа ги покажува способностите што ги поседуваат македонските научници и нивната визија да направат длабоки научни чекори на неисцртани научни територии. Ова достигнување не само што е значајно локално, туку покажува придобивки за целото човештво.
Токму на ова место, на овој факултет, пред 35 години се формираше врската меѓу две претходно далечни области (т.е. роботиката и ЕЕГ сигналите). Ова извонредно дело покажа дека научната фантастика може да стане реалност и да ја зголеми улогата на технологијата во модерното живеење. Практично, ова дело отвори комплетно нова област во науката, контрола на уреди со помош на EEG сигнали,“ изјави Атанасовски.
Ректор на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова рeче дека „сите сме одговорни кон развивањена иновативни процеси за трансфер на знаења и технологии во општеството.
„Интеграцијата помеѓу универзитетите, индустријата и другите релевантни институции треба да биде поддржана од нашето општество, бидејќи едукацијата значи постојано унапредување на социјалниот, професионалниот и економскиот развој, односно изнаоѓање идејни решенија за надминување на разликите помеѓу светот,“ изјави Ангелова.
Фото: Кабинет на претседателот