Владата денеска на седница ја разгледа и усвои Информацијата за новиот пакет рестриктивни мерки на Европската Унија во однос на ситуацијата во Украина, со препорака за придружување на Македонија кон сите одлуки на ЕУ за овој вид рестриктивни мерки.
Како што соопшти владината прес-служба, Владата го задолжи Министерството за надворешни работи, преку Постојаната мисија при ЕУ во Брисел, да извести дека Македонија се придружува кон новиот пакет рестриктивни мерки на Советот на ЕУ, заедно со сите претходни одлуки за рестриктивни мерки од 2014 година до сега, во поглед на ситуацијата во Украина, и да ја започне постапката за нивно спроведување.
– Во оваа фаза таргетираните рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се придружува и нашата земја, опфаќаат таргетирани мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина и за нив се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата.
Таргетираните мерки се однесуваат и на рестрикциите на работењето на одредени банки на Руската Федерација со финансиските институции на ЕУ и на нејзините земји членки, соопшти прес-службата на Владата.
На оваа, 17-та седница, Владата ја разгледа и Информацијата за потребата од обезбедување сместување на државјани на Македонија и членовите на нивните семејства по нивна евакуација од Украина.
Владата го задолжи Министерството за надворешни работи да ги прибере барањата на сите државјани на Македонија и членовите на нивните семејства кои се наоѓаат во кризните региони во Украина и кои ќе побараат привремена заштита и сместување, а немаат свое сместување во Македонија, во координација со Министерството за труд и социјална политика да се овозможи сместување на соодветни локации во земјата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ковачевски го осуди чинот на отворена воена агресија од Русија врз Украина
Пендаровски: Силна осуда за воените дејствија кои Русија ги презема над Украина
Пендаровски закажа седница на Советот за безбедност за Украина