еМагазин
Image default
Бизнис

Македонските банки со години исто: Граѓаните главен извор на пари, но и главни муштерии за камати

Основниот деловен модел на македонските банки, прибирање депозити (штедни влогови) и одобрување кредити, не забележа промени и во 2018 година. Депозитите од домаќинства, како најзначаен извор на финансирање на банките, преовладуваат во вкупната пасива на банкарскиот систем, со учество од 51,1% (што е повеќе за 0,3 процентни поени во споредба со 31.12.2017 година), покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Анализирано по одделна банка, депозитите од домаќинства имаат највисоко учество во вкупните извори на средства кај единаесет банки. Кај три банки, учествата на депозитите од домаќинства и од нефинансиски друштва се слични меѓу себе (односно, разликата меѓу учествата на овие два извора на финансирање не надминува 5 процентни поени), додека во пасивата на една банка преовладуваат кредитните линии од меѓународните финансиски институции, коишто ги пласира до крајните корисници преку другите банки во земјата.

Во активата, највисоко е учеството на кредитите на нефинсискиот сектор (59,6%). Во услови на постојано побрз раст на кредитите на домаќинствата, во споредба со кредитите на нефинансиските друштва, за првпат оваа година, учеството на кредитите на домаќинствата (29,6%) го надмина учеството на кредитите на нефинансиските друштва (29,2%) во вкупната актива.

Анализирано по одделна банка, седум банки се повеќе ориентирани кон кредитирање на нефинансиските друштва, а шест банки повеќе ги кредитираат домаќинствата. Кај една банка, учеството на кредитирањето кон двата сектора е речиси исто, a кај една банка преовладуваат кредитите на домашни банки.

„Структурата на вкупните приходи на банките соодветствува со примената на традиционалниот деловен модел. Така, нето каматните приходи, со учество од 62,9% се најзначајните во структурата на вкупните приходи, и покрај намалувањето на нивното учество за 2,1 процентен поен во однос на 2017 година.

Истовремено, нетоприходите од провизии го зголемија учеството во вкупните приходи, за 0,8 процентни поени, а учеството на другите приходи забележа раст од 1,7 процентни поени. Слично на движењата во структурата на активата, оваа година учеството на нето каматните приходи од работењето со домаќинствата (30,8%) го надмина учеството на нето каматните приходи од работењето со претпријатијата (26,9%) во вкупните приходи“, се вели во извештајот за ризиците во банкарскиот сектор во 2018 година објавен од Народната банка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пад на депозитите и кредитите на компаниите

Редакција

Андон Дудулоски подари 72,74% од акциите на Современ дом на Ацо Дудулоски

Редакција

„Лукоил“ го доби тендерот на Фондот за здравство за набавка на горива вреден 54.000 евра

Редакција