Во 2021 година се реализираше Спогодбата помеѓу Макпетрол АД Скопје и Владата на Македонија, за продажба на уделот на Макпетрол АД во АД ГА-МА. Реализирањето резултираше со блок трансакција за продажба на акцијата, сопственост на Макпетрол во ГА-МА, информираат од компанијата преку Македонската берза.
“Истата беше реализирана на 25.8.2021 година преку Македонската берза на хартии од вредност АД Скопје. Порамнувањето на трансакцијата, како и наплатата на вкупниот паричен износ беа реализирани на 27.8.2021, по што истата беше евидентирана во сметководствената евиденција на Друштвото.
Како резултат, вкупните средства на Друштвото на 31.12.2021 година се намалија за 1,70% во однос на вредноста на вкупните средства на Друштвото определени врз основа на последните ревидирани годишни финансиски извештаи, заклучно со 31.12.2020 година. Дополнително постојаните средства се намалија за 12,44%, како резултат на намалувањето на Вложувањата во хартии од вредност за 53,09%.
Во текот на 2021 година Макпетрол го продолжи силниот инвестициски циклус и вложи 301 милиони денари, како во реконструкција, така и во изградба на нови малопродажни и големопродажни објекти“, велат од компанијата.
Макпетрол ја подобри својата ликвидност и солвентност во текот на 2021 година, како резултат на продажбата на акцијата во ГА-МА, односно користењето на паричните средства од продажбата за враќање на обврските по кредити на Друштвото, посочуваат од компанијата.
“Намалувањето на обврските по кредити на Друштвото, резултираше и со подобрување и зацврстување на ликвидноста и солвентноста на Друштвото.
Во 2021 година остварена е добивка по оданочување од 1.374 милиони денари, која е за 53 милиони денари или 4% поголема од планираната. Главната причина за достигнувањето и надминувањето на Планот за работење на Друштвото за 2021 година е зголемениот количествен промет со нафтени деривати и останати горива, како резултат на растот на основната дејност на Друштвото.
Со мерките кои што ги презема Раководството на Друштвото не се предизвика потреба од отпуштање на вработени, чиј што број дури и се зголеми во време на криза. Во текот на 2021 година на Макпетрол АД Скопје му се приклучија 150 нови вработени. Очекувањата за деловната 2022 година се во согласност со Планот за работење на Друштвото“, велат од компанијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Макпетрол лани ја зголеми добивката за четирипати