Ханс Јорген Михаел Селберг е медицински техничар од Шведска којшто пристигна во нашата држава на 4 август преку европскиот механизам за цивилна заштита за да им помогне на своите колеги во Универзитетската Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби при нега на пациенти болни од Ковид19, информираат од Министерството за здравство.
Од Инфективната клиника велат дека Јорген одлично се вклопи во работниот процес со своите нови колеги. Тој им ги пренесе своите искуства на колегите од нашата држава, а тие му помогнаа да се вклучи во работните процеси.
„Незимерно сме благодарни на неговата солидарност и желба за помош и се надеваме дека ваквите иницијативи за меѓусебно помагање ќе продолжат и во иднина.”, велат од клиниката.
Неговиот работен ангажман ќе трае еден месец. За целиот овој период тој ќе работи на Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.
Преку Дирекцијата за заштита и спасување, која е главен координатор на европскиот механизам за цивилна заштита од почетокот на кризата со Ковид-19 досега беше реализирана поддршка за повеќе државни институции во нашата земја меѓу кои и за МЗ.
Фото: МЗ