еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Мицкоски бара преодна влада до март на чело со Гаши и предвремени избори во мај или јуни

Во февруари или март да се формира техничка влада, a во мај или јуни да се одржат предвремени парламентарни избори, побара на денешната прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Според него, во ситуација на вето за евроинтеграциите, реален спор со Бугарија кој, како што вели, нас не чини идентитет, инфлација, покачена цена на струјата, сиромаштија, растечка корупција, предвремените парламентарни избори се единственото решение.

– Предвремените избори не се секогаш најдоброто решение, но во состојба кога е јасно дека постојат сериозни проблеми, кога нема начин ниту пак било каква шанса оваа Влада нешто да промени, кога генерации повторно се оставени конечно да чекаат пред портите на ЕУ, предвремените парламентарни избори се единственото решение за излез од оваа политичка, економска, енергетска, дипломатска, сеопшта криза во државава, рече Мицкоски.

Тој оцени дека во земјава е потребен „нов импулс, нова сила за реформи, една заедничка платформа, обединување околу нов договор со народот, за работите кои му се важни на народот“.

– Ова е отворен апел до власта за брзи избори, како единствено решение за излез од политичката и економска криза и наша обврска за борба за нова иднина кон која сите заедно се имаме обврзано.

Воедно барам и општествена поддршка на поединци и општествени групи да го поддржат овој наш предлог за избори, да не губиме ниту месец повеќе, затоа што така ќе направиме и општествена мобилизација, силен активизам, додаде Мицкоски.

Во одговор на новинарско прашање за тоа дали се согласил за премиер Албанец, Мицкоски предложи на чело на преодната Влада да биде претседателот на Алтернатива, Африм Гаши и тој, како што рече, да ја реши енергетската и економската криза, додавајќи оти очекува и ДУИ да го поддржи Гаши за премиер.

– Ние одговоривме дека ова не треба да се третира како етничко прашање, туку како прашање на компетенции и вештини и дека ние немаме никаков проблем да подржиме ако определена личност која ги поседува компетенциите и има план и визија да работа за добро на сите граѓаните.

Ако таквата личност биде предложена од најголемата партија во парламентот, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ и ако биде Албанец, очекуваме ДУИ да го поддржи, но стигна реакција од ДУИ дека тие ќе поддржеле ако ВМРО-ДПМНЕ победи на избори и предложи Албанец, рече Мицкоски.

Тоа можеме да го видиме, додаде Мицкоски, ако се охрабрат и излезат на избори.

– Еве им можност и на Гаши да се покаже, но и ДУИ и Али Ахмети да го поддржат него наместо Ковачевски за мандатар на владата, рече Мицкоски.

Мицкоски, претходно на брифинг со новинари презентираше резултати од анкета спроведена во периодот меѓу 12 и 30 ноември на 1.010 испитаници, според која, 44 проценти од нив поддржуваат одржување на предвремени избори, додека 39 биле против.

Според анкетата, што ја презентираше Мицкоски, 16 проценти од приврзаниците на СДСМ поддржале предвремени избори, а тоа го сториле и 28 проценти од приврзаниците на ДУИ.

Мицкоски на брифингот направи и рекапитулација на локалните избори на кои, како што кажа, ВМРО-ДПМНЕ имаат 42 градоначалници плус Градот Скопје каде ја поддржаа независната кандидатка Данела Арсовска. Тој ги спомена и коалициите во Тетово, Гостивар и други градови и според неговата пресметка тие се присутни во околу 50 општини во државата.

ВМРО-ДПМНЕ, информира Мицкоски, располага со 324 илјади гласови наспроти 269 гласови за СДСМ, што, како што рече, е 50 илјади гласови повеќе, а претендира дека партијата има и поголема поддршка сметајќи на оние поддржувачи што ги има во општините во коишто не учествувала со свои кандидати за градоначалници.

Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ прават детални анализи за работењето на општините со кои управуваат и за сите нерегуларности ќе информираат по празниците, а Мицкоски најави и пријави до Обвинителството во оние случаи каде што ќе увидат прекршување на Законот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Гаши го одби Мицкоски, не сака да биде премиер

Мицкоски доби подршка од Алијанса за Албанците, Гаши да биде мандатар на преодна влада до предвремени избори

МИА/Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Прекинот на работа на „Кромберг и Шуберт“ и „Дрекслмаер“ прв голем удар од корона вирусот

Редакција

Со концертот на „Фолтин“, денеска во Битола започнува новогодишната програма „Зимска приказна“

Редакција

Ратка Тирицовска од Стопанска банка е добитник на престижната награда PRO PR Globe

Редакција