Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска за Гласот на Америка на македонски јазик, одговарајќи на прашањето дали точката во Билатералниот протокол со Бугарија ќе значи и цензура на творештвото, кажа дека авторите треба да творат слободно, но „во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката“.
„Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката. Не нешто што повторно ќе го врати народот назад, кон едни мрачни времиња каде што навистина не видовме ништо добро“, изјави министерката.
Нејзината изјава предизвика лавина од негативни реакции во јавноста и на социјалните мрежи, па реагираше и таа.
„По реакциите во јавност за мојата изјава во интервју за VOA, чувствувам обврска да објаснам неколку аспекти.
Цензурата е одлик на минати општества или минати власти и неа не и е местото во 21 век, во земја кандидат за полноправно членство во ЕУ. Цензурата е феномен кој се коси со демократијата и слободата на говор во која денес и тоа како уживаме!
Токму затоа, мојата изјава започнува со зборовите: “Слободно нека творат!”.
Како министерка, се додека сум јас на тоа место, нема да има цензура во ниту еден проект поддржан од Министерството за култура. Исто така, сакам да сум апсолутно јасна, додека сум јас министерка, нема да има простор да се ограничува или насочува кој било уметник на кој било начин, тоа е против сите мои лични и пред сѐ професионални уверувања.
Доколку изјавата која денес е цел на “слободни” толкувања, повредила чувства, порив, мотив и обиди за творење, жал ми е. Намерата апсолутно не е да се насочува или ограничува, напротив, мојата интенција секогаш била и ќе биде поддршка на слободната мисла и изразување.
И за крај, би сакала да повторам: Слободата на уметникот е огромна. Таа е неприкосновена. Таа слобода никој не може да ја ограничи. И тука, никој не треба да има дилеми“, стои во нејзината реакција.
Фото: Фејсбук/Костадиновска-Стојчевска