Монасите и монахињите од Бигорскиот и Рајчичкиот манастир, и оваа година со особена радост информираат, а воедно и покануваат да бидете дел од еден несекојдневен по својата убавина настан, кој од година во година привлекува огромен број на љубители на духовноста и планините – искачување на врвот Голем Крчин, во недела.
„Исто како и минатата година, наша цел е на врвот на Голем Крчин, односно на местото на остатоците од поранешниот храм посветен на празникот Преображение, рано наутро да отслужиме Света Литургија и да се обидеме да ги видиме висините низ една друга перспектива.
Оваа година, заради обезбедување на групата ќе биде присутна и Единица за спасување на планини и непристапни терени при Црвениот крст од Охрид. Меѓу другото, ги замолуваме сите планинарски и алпинистички клубови кои ќе земат учество, да пријават и лиценцирани планинарски водичи, со официјално призната лиценца од ФПСМ или МАИВП. Координатор на сите водичи ќе биде лице од манастирот“, се вели во соопштението.
Патеката е со средна тежина и трае околу 4 часа. Попатни кратки одмори на места каде што има извори со вода, од кои последниот е на средината од патеката, односно кај првата црква.
извор и фото: bigorski.org.mk