Бројни светски политичари и функционерии уште на првиот ден од воената инвазија на Украина од страна на Русија, предупредија дека ситуацијата може лесно да излезе од контрола и да се прошири надвор од земјата, а многумина го споменуваат и Западен Балкан.
Никој неможе да гарантира или да предвиди во кој правец ќе се движат работите, а најоптимистичкото сценарио е сепак да се најде некое разумно дипломатско решение за сите инволвирани страни, но моментално сме далеку од тоа.
Загрозена е стабилноста и на Западен Балкан
Рускиот напад на Украина не го доведува во прашање само опстанокот на земјата, туку ја загрозува и цела Источна Европа, но и стабилноста на Западен Балкан, изјави претседателот на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот, Михаил Рот, политичар добро познат на македонската јавност.
Во објавата на Твитер тој предупреди дека нападот може да има сериозни последици на Балканот, каде држави се соочени со нестабилности и со различни закани.
– Путин, не само што војува против Украина, туку и го доведува во прашање правото на постоење на источноевропските држави. Тоа, исто така, ја торпедира и европската перспектива на Западен Балкан, предупреди Рот, истакнувајќи дека Европската унија сега е на тест на докажување на својата веродостојност и одржување на одамна дадените ветувања.
Тој појасни дека затоа треба да бидат решени сомнежите за пристапувањето на Албанија и на Македонија во Унијата, па ја повика Бугарија да запре со блокирање на процесот.
За Косово, Рот предложи што побрза визна либерализација, а во однос на Босна и Херцеговина, предупреди на сепаратистичките тенденции што му се закануваат на опстанокот на земјата, со што алудираше на политиката на српскиот член на Претседателството БиХ, Милорад Додик.
Тој, со отворена руска поддршка, веќе со месеци најавува и презема конкретни чекори, што водат кон издвојување на Република Српска од уставно-правниот поредок на БиХ. Русија исто така му дава поддршка на Додик во оспорување на мандатот на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит.
– Треба да се запрат сепаратистите во Босна и Херцеговина, смета Рот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Проценката во ЕУ е дека постои ризик од дестабилизација на Балканот, поради ситуацијата во Украина
Ризикот по Западен Балкан не е исклучен
Високи дипломатски извори за агенцијата МИА информираа дека безбедносната проценка е дека не е исклучен ризик од дестабилизација на Западен Балкан поради руско-украинската војна.
Секако не треба да се заборави и на фактот дека Македонија, но и неколку други земји на Балканот се членки на НАТО, а доколку се случи некаков инцидент само во една во земјите членки на Алијансата околу Украина, тоа автоматски ќе значи дека и ние ќе влеземе во војна со Русија, предупредија домашните експерти.
Безбедносната состојба во земјата е стабилна
Безбедносната состојба во земјава и регионот поврзана со руската агресија врз Украина беше тема и на вчерашната седница на Советот за безбедност, што се одржа во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
„Членовите на Советот констатираа дека безбедносната состојба во земјата е стабилна.
Потребно е надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија согласно развојот на настаните, со цел навремено дејствување„, информираа од Кабинетот на претседателот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Руско министерство за одбрана