На последната седница на Советот на Општина Тетово за 2022 година беше изгласан и буџетот за наредната 2023 година. Тетово ќе има 29 милиони и 300 илјади евра буџет, од кои свои сопствени генерирани средства се 7 милиони и 200 евра. Опозицијата гласаше воздржано и обвини дека владејачкото мнозинство ќе користи пари за вработување на партиски кадри.
-Ние како ДУИ мислиме дека овој буџет не е за добро на граѓаните. Ние мислиме дека се одвоени милион евра за нови вработувања и затоа ние сметаме дека не треба да се поддржи и гласавме воздржано. Имаме и други забелешки, рече Лиридон Диша од советничката група на ДУИ.
Глигорије Стојановски од СДСМ посочи дека оваа година буџетот е за непродуктивни трансфери и ситни инвестирање.
– Ние генерално не очекуваме спектакуларно околу буџетот, ова е партиски буџет, а не реални инвестиции за потребите на нашите граѓани. Видовме дека се зголемуваат платите на договорците, вдомуваат партиски кадри на Беса и ВМРО ДПМНЕ.
Наш предлог е да се испрати барање до Министерството за животна средина да се направи мерна станица за мерење на квалитет на воздухот затоа што ние како граѓани сме погодени од нечистиот воздух и се надевам дека ќе власта ќе ги слушне нашите барања, додаде Стојановски.
Претседателот на Советот, Бесар Дурмиши истакна дека во рамки на буџетот се планирани максимално можни 69 вработувања, согласно законските можности кои ги има општината, но не значи дека и толку луѓе ќе се вработат. Според него, ќе има ангажирање на луѓе за места кои се дефицитарни како пожарникари или пак стручни лица кои ги нема во општинската администрација.
-Опозоција не може да разбере дека не менаџираат со општината и дека не може да има 500 луѓе со договор на дело од кои 200 не го знаат работно место. Во буџетот предвидено е да се вработат 69 луѓе, архитекти, редари, пожарникари работни места кои мим требаат на институциите, му требаат на градот, рече Дурмиши.
Градоначалникот Биљал Касами истакна дека опозицијата секогаш се жали, но не секогаш со право. Во случајот не се работи за прекумерно врабтоување, туку за дополнување на сектори каде има потреба од вработување на нови кадри.
– Можам да гарантирам дека нема во моментот некој да зема плата а не доаѓа на работа. Исто така има договори на дело но тие се за ангажирање на кадар кој го користиме за надворешни консултанти за работи кои не можеме да вработиме. Се извинувам што цело време го експлоатирам името на професорот Грчев, но ние не можеме да претендираме дека ќе го ангажираме во општината нели со работен однос, но постојано ги користиме неговите услуги во делот на урбано планирање, како што има и други договори на дело во ангажирање на надворешни консултанти.
Во моментот не може да се спореди со тоа претходното каде над милион евра трошеа за фиктивни вработувања. Во моментот можам да гарантирам дека нема ниту едно фиктивно вработување, сите ангажирани се во служба на граѓаните на Тетово, рече Касами.
Владејачкото мнозинство истакна дека најголема развојна програма е онаа за изведба и реконструкација на улици која ќе се споведува во периодот 2023-2025 со вредност од 150 милиони денари.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Буџетот на Општина Струмица за 2023 година 27 милиони евра, на што ќе се трошат парите на граѓаните?
Најмногу пари за плати и донации: Буџетот на Општина Гостивар за 2023 година – 1,2 милијарди денари
МИА/Фото: МИА