еМагазин
Image default
Бизнис

Народна банка: Основната каматна стапка и понудата на благајнички записи се непроменети

На 11 август 2020 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика, информираат од банката..

„По намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината, на оваа седница беше одлучено таа да се задржи на нивото од 1,5%. Намалувањето на основната каматна стапка до тековното ниво, како и досегашното позначително намалување на понудениот износ на БЗ, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата.

Со оглед на веќе извршеното олабавување, кога сѐ уште постојат ризици, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови“, велат од Народната банка.

Оттаму додаваат дека истовремено, на седницата е оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка во април и мај е соодветна, при што е одлучено на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

„На седницата беа разгледани и најновите економски показатели во домашната економија. По забавувањето на растот во првиот квартал на 2020 година, тековно расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од годината упатуваат на понагласени негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност, во согласност и со очекувањата.

Тие се видливи преку двоцифрениот пад на индустриското производство и на прометот во трговијата и угостителството, а по растот во првиот квартал, пад се забележува и кај градежништвото. Сепак, гледано по месеци, поголем дел од надолното приспособување е сконцентрирано во април и мај, додека во јуни се забележуваат знаци на закрепнување.

Во однос на ценовните промени, стапката на инфлација во јули изнесуваше 1,3%, на годишна основа и 0,6%, збирно за првите седум месеци од годината, главно под влијание на повисоките цени на храната. Ваквите поместувања претставуваат нагорно отстапување во однос на очекуваната стапка на инфлација за 2020 година.

Во вакви услови, како и при различни насоки на ревизија кај увозните цени и нивна голема променливост посебно изразена во услови на глобалната пандемија, постои одредена неизвесност околу проекцијата на инфлацијата за 2020 година“, соопшти  Народната банка.

Оттаму додаваат дека нивото на девизните резерви на крајот на јули, според сите показатели за адекватноста, и натаму е во сигурната зона.

„Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена.

Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата предизвикана од ковид-19 и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамки на домашната економија. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција преку приспособување на монетарната политика, доколку тоа е потребно“, велат од банката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

СКМ: Влијанието на политиката врз економијата изминативе години беше големо

Редакција

Турскиот театар во Скопје склучи договор со “Универзал Балкан“ вреден 4,4 милиони евра

Редакција

Наместо за три дена, за два часа ќе се прават анализите за проверка на квалитетот на течните горива

Редакција