Народна банка ја намали проекцијата за пораст на македонската економија од 3,2 проценти во април на 2,3 проценти во ноември. Забрзување на порастот се очекува за следната година за кога се предвидени 3,5 проценти, 3,8 проценти во 2020 и 4 проценти во 2020 година.
Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска рече дека направената надолна корекција за 2018 година е одраз на послабите остварувања во првата половина од годината.
– За првата половина од годината беше предвиден пораст од 3,3 проценти, а остварен e 1,6 проценти, што произлегува во најголем дел од инвестициите. Во поглед на структурата на порастот, се очекува дека домашната побарувачка ќе биде главниот двигател на порастот, со исклучок на 2018 година кога најголем ефект ќе има нето-извозот – рече Ангеловска Бежоска.
По падот во 2017 и 2018 година, предвидено е инвестициите да растат. Порастот ќе биде поддржан од јавните и странските инвестиции, но и од подобриот амбиент за инвестирање на домашните инвеститори.
Позитивен придонес се очекува и од личната потрошувачка при стабилен пораст на платите, зголемување на вработеноста и натамошна кредитна поддршка од страна на домашните банки.
Во однос на инфлацијата, ревидирањето е во надолна линија од 2 на 1,6 проценти.
– И натаму постои одредена неизвесност од домашниот политички контекст. Позитивен ризик кој што не е вграден во проекциите, повторно претставува можноста за забрзување на процесот на евроатлантска интеграција – додаде Ангеловска Бежоска.