еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Не е работа на духовниците да кажуваат за ефикасноста или опасноста од вакцините, консултирајте се со лекар, вели владиката Партениј

Игуменот на свештената бигорска Обител, епископ Антаниски, господин Партениј, во врска со актуелната проблематика со вакцините, порача дека од нив во никој случај не треба да се прави теологија, ниту да се третираат како црковно прашање.

– Кој има недоумици, нејаснотии, нека се консултира со матичниот доктор, со некој друг специјалист за тоа, со некоја компетентна институција. Не е работа на духовниците да кажуваат за ефикасноста или опасноста од вакцините.

Да не ги мешаме тие работи, бидејќи, во спротивно, гледате, тоа нè понижува сите, нè прави примитивни, декадентни, го понижува Христијанството, кое е вера на светлината, на просветлението, на возвишеното, рече г. Партениј во едно од неговите слова одржани деновиве.

Додава дека згора на тоа, не треба да заборавиме дека Христовата Црква отсекогаш ја поддржувала и поттикнувала медицината.

-Апостолот и евангелистот Лука, на пример, бил лекар по професија. Првите организирани болници и медицински центри биле отворени во манастирите. Значи, Бог ги благословил лекарите и медицината.

А сега гледаме таму како некои од тие недоучени „учени“, знаат сè, се разбираат и од медицина и од вирологија, точно знаат што содржат вакцините и пишуваат сè и сешто. Затоа, внимавајте, не верувајте на секој што ќе напише нешто на оваа тема на интернет.

Денес има многу голема опасност од таквите незналци, зашто преку социјалните мрежи им е даден голем простор, вели тој.

Посочува дека Свети Јован Богослов, дури во времето кога немало интернет и кога „подигрувачите и незналците немале толкави можности да го шират своето влијание“, сепак почувствувал потреба да ги предупреди христијаните: проверувајте ги духовите: дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот. Бидејќи, нагласува, знаеме дека и тогаш во Црквата имало такви кои си земале за право да зборуваат нешто кое не се согласувало со апостолското учење.

Во целиот период на пандемијата со Ковид-19, во Бигорскиот манастир и неговот метох, манастирот „Свети Георгиј Побдоносец“ во Рајчица, празнувањата секогаш биле согласно мерките и препораките на Министерството за здравство, како и на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА.

-Така ќе биде и празнувањето на споменот на сечесното Успение на Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, во Бигорскиот Манастир, со строго запазување на предвидениот протокол за заштита, односно со држење соодветно растојание, носење заштитни маски и ограничување на бројот на присутни, информираа од Бигорската обител.

Вечерва ќе се отслужи сеноќно бдение, со Света архијерејска Литургија, што ќе започне во 21:30 часот, со која ќе чиноначалствува владиката Партениј.

МИА/Фото: Бигорски манастир

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Намалување од 10,5%: За една недела 816 нови случаи на Ковид-19 во Македонија

Редакција

Црквите и ИВЗ заеднички против предлог-законот за прекинување на бременоста

Редакција

Проштален говор на Трамп: Нашето движење допрва почнува

Редакција