Гледајќи ја актуелната економска ситуација во земјава, како во учебник можат да се издиференцираат неколку работи:
Прво, големите очекувања на бизнисот дека во текот на зимата ќе заврши украинската криза дефинитивно исчезнаа.
Второ, големите очекувања на бинзисот дека регионалните иницијативи и политики ќе дадат резултат дефинитивно исчезнаа.
Трето, големите очекувања на бизнисот дека на домашен план ќе се постигне консензус околу главните економски приоритети како да спласнуваат.
Ова, во најновата колумна, го истакнува претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
„Високите бројки на економските прогнози веројатно го покриваат претходно кажаното. И сега, просто и едноставно, ако некој бизнисмен излезе и јавно прозбори за ситуацијата, тоа ќе биде како со крпа избришано, со цитирањата на очекуваните прогнози на странските финансиски институции и домашните предвидувања за растот на БДП, инвестиционата активност и извозот.
Нели во животот најтешко е кога не можеш да најдеш зборови со кои ќе ја поткрепиш својата теза. Се нешто ти недостасува за формулациите да бидат јасни, прецизни и разбирливи. Ете, тоа нам бизнисмените ни се случува деновиве.
Минхенската безбедносна конференција, го собра целиот светски крем на едно место, наспроти нерешавањето на украинскиот конфликт, кој претставува извор на светската нестабилност и економската предвидливост ја сведува на теорија.
Војната може да трае и со децении, но светот не се откажува од конференциите и институциите кои треба да ги превенираат кризите, туку упорно ги претставува како локации каде нешто се случува.
Не е важно да се реши украинскиот конфликт, важно е да се биде на Минхенската конференција, бидејќи ако таму не си виден, си никој и ништо во меѓународните односи.
„Копаоник бизнис форумот“, наспроти се поизвесниот судир од Северот на Косово околу „табличките” – Не е важно како ќе се превенира тој судир. Важно е да се биде на „Копаоник бизнис форумот“, со можност покрај форумот, да се искористи времето и за скијање.
Па и ние да не сме подалеку од другите, цела година се „туркаме” кој ќе биде панелист на некаква трибина со бомбастичен наслов, наместо да ги решаваме проблемите.
Какво е размислувањето на секој бизнисмен во Македонија? Неизвесноста ги убива. Економските прогнози ги иритираат. Можниот раст на инфлацијата ги вознемирува. Честото менување на законската регулатива ги докрајчува. Може ли во таква ситуација да се мисли на развојот и инвестициите?
Во исто време те растрчуваат од лево на десно, напред назад, кон промени на Законот за работни односи, регулативата за одобрување на работни дозволи, солидарниот данок, двојазични декларации, ограничени маржи, и сето тоа зачинето со блокади на Собранието, кое како да стана нациионална дисциплина.
Значи, наместо да се насочиме кон зголемување на извозот, продуктивноста и додадената вредност, ние трчаме од крај на крај да спречиме донесување на решенија кои само ја усложнуваат позицијата на бизнисот. Додека тоа го правиме, „меѓу нозе“ ни поминува експресниот воз кој со брзина од 30 км/час не носи кон напредните технологии и развојот кој самошто не пристигнал.
И на крајот, нормално секој ќе постави прашање: Каде е излезот? Излезот е во консензусот и приоритетите. Но, тоа има огромно влијание врз позициите и рејтингот на политичките партии, а тоа пак директно влијае на желбата да се утврдат приоритетите и да се изгради консензусот.
Значи, нешто како гордиев јазол. Епа еве шанса по втор пат да се појави некој што ќе го пресече Гордиевиот јазол, ама нема да се вика Александар Македонски. И ако за разрешување на нашиот затворен круг е потребен консензус и приоритет, тоа е подобрување на сите сегменти на владеењето на правото, а и пазарните законитости.
Оваа констатација изнесена илјада пати досега, како да не може да исплива на површина, а најтрагично е тоа што и ние самите бизнисмени не можеме да се доискажеме за да може секој да не сфати што зборуваме.
П.С. Ние бизнисмените имаме еден избор. Тоа е упорноста, упорноста и упорноста. Друг избор немаме, зашто следејќи ги прогнозите за економскиот раст на државата во текот на идната година, сигурни сме само во едно – дека тој неколку пати ќе биде ревидиран. А тоа значи тапкање во место,“ вели Азески во неговата колумна.
Фото: СКМ