еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Нема договор за Гоце Делчев, македонско-бугарската Комисија ќе има нова средба во декември

Македонските и бугарските историчари не постигнале напредок во однос на Гоце Делчев, иако на маса биле поставени и нови идеи околу неговиот лик и дело. Мал напредок е постигнат во делот на учебниците за средновековието. Во однос на Свети Кирил и Методиј е постигната согласност дека се сесловенски и христијански просветители. Членовите на Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија договорила нова средба до крајот на годинава, и уште пет наредната година.

-Има мали стапки поместување на напред и за мене тоа е важно во моментов. Процесот на разговори продолжува и понатаму, со сите тешкотии и сите чувствителни теми кои се на маса.

Молам за трпение и поголема ематија и кон нас и кон колегите од Бугарија, за да можат прашањата да бидат дискутирани со што помалку емоции и тензии. Само на тој начин можат да се надминат работите, рече копретседавачот на комисијата од македонска страна Драги Ѓоргиев.

Неговиот колега од Бугарија Ангел Димитров рече дека на Kомисијата воопшто не станало збор за македонскиот јазик. Тоа, истакна Димитров одговарајќи на новинарско прашање, е тема за која треба да разговараат лингвистите.

Комисијата заседаваше по пауза од речиси една година, а причина за тоа била пандемијата со Ковид-19, но и изборите кои се одржаа кај нас.

Од македонскиот тим во најавата за десеттиот состанок напоменаа дека покрај вообичаените теми, учебниците за историја и предлог идеите за заедничко одбележувањена историски личности и настани, Комисијата ќе дискутира и за теми и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата или, пак, причина работата на Комисијата и нејзиниот академски и експертски карактер да бидат политизирани, со што се предизвикува штета на процесот на градење добрососедски и пријателски односи.

Комисијата е формирана со цел да најде заеднички јазик за надминување на разликите на двете земји во однос на одредени историски случувања, се одржува во затегната атмосфера, откако Софија постави ново условување пред Скопје во однос евроинтеграцискиот процес, преку појаснувачкиот меморандум испратен до земјите-членки на Унијата.

Доаѓат и забелешки од бугарска страна дека целосно не се исполнува Договорот за добрососедство и дека Комисијата не работи ефикасно, но вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи посочи дека ова тело работи многу поефикасно од слични вакви тела во Европа.

Заедничката македонско-бугарска комисија досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век, но не и согласност околу прашањето за Гоце Делчев.

Комисијата има препорачано заедничко одбележување на пет историски личности од значење за историјата и културата на македонскиот и бугарскиот народ, но и за другите народи на Балканот и во Европа – Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и цар Самуил.

Усвоени се препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјава и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 7 одделение/6 клас.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Предложени, па повлечени измени за студентскиот оброк со кои голем број студенти би останале без него

Редакција

Платите на судиите ќе се зголемат за 15% до 2022 година, договорија Владата и Здружението на судии

Редакција

Регистрирана „Твоја партија“, ќе ја застапува адвокатот Александар Тортевски

Редакција