еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Нивите кои го снабдуваат Скопје со земјоделски производи може да бидат загадени ако се изгради фабриката во Гази Баба за која граѓаните стравуваат

Трите урбанистички проекти на КП 11589/1, КП 11683, КП 11684 и КП 11730/1, КО Старо Скопје, Гази Баба, чија што цел е да се формираат три градежни парцела со намена Е3.1 предизвика огромен револт кај жителите на општината, експертите како и граѓанските органзации кои се борат за чиста животна средина.

Граѓаните на Железара започнаа и потпишување на петиција упатена до градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, со цел, како што се вели во истата „да се избориме за здравје, чист воздух и чиста околина“. Петицијата досега ја потпишаа скоро 1.500 граѓани, а има поддршка од здруженија и иницијативи.

„Со ДУП-овите се зафаќаат нови, огромни празни површини со зеленило, па наместо да се намали индустријата и технолошките поцеси кои ја загрозуваат животната средина во Градот, со овие планови само се зголемува проблемот на загадувањето и се отвораат нови врати за технолошки процеси кои се опасни по здравјето на луѓето и животната средина.

За да е пострашна приказната, во линија над комплексот фабрика Железара до обиколницата на површина од 230.000 метри квадратни во исто време се води постапка за донесување на 3 урбанистички проекти со намена Е 3.1 – постројки за термички, физичко – хемиски и хемиски третман на неопасен отпад. За каков отпад станува збор не се знае.

Донесувањето на овие ДУП-ови и Убанистички проекти троструко ќе го зголеми загадувањето, троструко ќе го влоши здравјето на луѓето и кавалитетот на животната средина.

Под директно влијание на ваквото загадување нема да бидат само жителите на населбите Железара, Бутел, Автокоманда и населените места над Обиколницата, туку целиот град Скопје и животинскиот свет кој е населен на таа зелена површина,“ се вели во образложението на петицијата.

Расправата помеѓу граѓаните и општината во врска со урбанистичките планови беше прекината на почетокот на април, поради расправија помеѓу раководителката на секторот за урбанизам во Општина Гази Баба, Благица Блажевска и присутните граѓани во салата на Советот.

Блажевска уверува дека таму нема да се гради фабрика со тешка загадувачка индустрија.

Ние направивме пренамена на просторот во лесна незагадувачка индустрија, намена Г-2. Оние субјекти кои се со намена Г-1, си останаа со намена за тешка загадувачка индустрија ама немаат развој, не можат да доградуваат, или надградуваат капацитети.

Се друго е со намена за деловен простор, зеленило  и лесна индустрија. Во урбанизмот има термин  што се вика „постоечка намена“, а тоа значи дека само им се потврдува намената на објектите и индустријата што веќе постои.

Досега за тој дел од Општината нема донесено Детален урбанистички план, сега дојде време да го урбанизираме и да го средиме, бидејќи има многу субјекти и секој треба да си добие своја парцела.

Донесувањето на ДУП-овие е во знакот на развојот на општината и ако сакате да имате развој на општината, мора да работите,“ вели Блажевска.

Што велат експертите?

Филип Иванов, консултант за контрола на индустриски загадувања, управување со отпад и оцена на влијанието врз животната средина вели дека, основната причина за загриженост е тоа што со предложените планови ќе се даде трајна намена на земјиштето во Е3.1 – Депонии и преработка на неопасен отпад: регионални и локални депонии за одлагање на неопасен отпад, постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад.

„Тоа значи дека на таа површина од преку 200.000 метри квадратни ќе може да се вршат дејности за постапување со отпад кои вклучуваат горење и согорување, хемиски и физичко-хемиски третман, итн. Тоа може да доведе то екстремно загадување на поширокото подрачје.

При ова, никој не направил анализа на кумулативните влијанија врз животната средина, односно кава ќе биде интеракцијата на загадувачките материи кои веќе се создаваат во скопската котлина, особено во овој дел од Скопје, со новите активности на третман на отпад,“ вели Иванов.

Според него, дополнително кон ова, давањето на ваква намена, не само што може да доведе до загадување, туку трајно ќе ја намали вредноста на земјиштето и имотите на предметната локација локација и пошироко заради.

„Соседните имоти ќе изгубат на вредност заради тоа што се наоѓаат во близина на земјиште наменето за депонии и термички, хемиски и физичко-хемиски третман на отпад. Ваквата намена на земјиштето не нуди никаква додадена вредност во регионот. Напротив, ќе го обезвредни.

Околното земјоделско земјиште може да биде загадено, а производите неквалитетни и со помала пазарна вредност. Да не заборавиме, околните ниви го снабдуваат Скопје со зеленчук и раноградинарски производи. Зарем треба да си истите контаминирани со загадувачки материи кои секако се јавуваат при било каква операција на третман на отпад,“ објаснува експертот.

Тој додава дека една од трите стратешки оцени на влијанијата врз животната средина упатува на тоа дека, предмет на овие планови е воспоставување на постројки за преработка на филтер прашина од електрични лачни печки настаната од процес на рециклирање на челик.

„Оваа прашина која согласно Листата на видови отпад („Службен весник на Република Македонија “ бр. 100/05 од 21.11.2005 год.) припаѓа кон групата 10 – Отпад од термички процеси, подгрупа 10 02 – Отпад од индустрија на железо и челик, отпад означен со 10 02 07* (ѕвездата посочува на тоа дека се работи за опасен отпад) односно цврст отпад од обработка на гас од електрични лачни печки што содржи опасни супстанции или 10 02 08 цврст отпад од обработка на гас од електрични лачни печки поинаков од оној во 10 02 07. Потенцијалот за загадување е огромен,“ објаснува Иванов.

Граѓаните и здруженијата бараат од градоначалникот да излезе со подетални информации за она што е предвидено да се гради.

„До сега, јас не сум видел дека предлагачот ги повлекол предлог плановите и другата придружна документација. Ова што согласно закон има правна тежина и произведува легалитет, не се изјавите на градоначалникот, туку документацијата која е уредно заведена во архивата на општината.

Без да ја потценувам улогата на градоначалникот, сметам дека изјавите дадени за медиуми не се дел од административната меморија на Општина Гази Баба. Се додека не се повлечат предлог-плановите јас верувам во она што е уредно поднесено и архивирано од службите на општината,“ вели Иванов.

Според него, доволни за реакција се предложените планови и намената на земјиштето во Е3.1 – Депонии и преработка на неопасен отпад: регионални и локални депонии за одлагање на неопасен отпад, постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад и ваква намена на таа локација не смее да има.

Општина Гази Баба рокот за поднесување на забелешки за нацрт-извештаите за СОЖС го продолжила до 3 јуни, а до тогаш граѓаните се надеваат на јавна расправа на која ќе се изложат урбанистичките проекти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Европскиот парламент усвои резолуција за Србија: Напредок кон ЕУ и пристап до фондовите, само доколку воведе санкции против Русија

Редакција

Левица и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа интерпелација за Џафери поради повреда на Уставот

Редакција

(Фото) И Панче Тошковски има стан во поклонетиот имот на Јанушев, тврди СДСМ

Редакција