Новинарот и главен уредник на порталот „Економски лидер“, Љупчо Златев синоќа бил физички нападнат во скопски ресторан, по што се упатил во болница каде му биле констатирани лесни телесни повреди.
Нападот го потврди и Министерството за внатрешни работи (МВР).
„На 24.07.2020 околу 00.40 часот во СВР Скопје, Љ.З.(28) од Кавадарци пријавил дека околу 00.10 часот, во угостителски објект во Скопје, му биле упатувани закани и бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се наведува во дневниот билтен на МВР.
Златев на неговиот Фејсбук-профил објави дека се сомнева дека напаѓачот бил лице од Автокоманда, кое е дел од обезбедувањето на Јордан Мијалков, синот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
ЗА ДА МЕ ЗАМОЛЧИТЕ, ЌЕ МОРА ДА МЕ УБИЕТЕ! Почитувани пријатели и добронамерници,Дел од медиумите објавија дека…
Posted by Ljupcho Zlatev on Петок, 24 јули 2020
Тој исто така ќе оди до полицијата за да однесе фотографија од напаѓачот.
Денес одам во полиција да однесам слика од напаѓачот. Утре сликата ќе ја објавам, а понатаму, ќе ја објавам цела група…
Posted by Ljupcho Zlatev on Петок, 24 јули 2020
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро го осуди нападот на Златев.
„Нападите врз новинарите претставуваат загрозување на слободата на медиумите и на слободата на информирање. Секој вид на притисок води кон уназадување на демократските процеси и е спротивно на европските вредности, кон кои се стремиме.
Агенцијата во повеќе наврати апелираше дека безбедноста на медиумските работници мора да биде загарантирана, затоа што само така ќе можат непречено да ја вршат нивната општествено одговорна професија,“ се вeли во соопштението на Агенцијата.
Реаигираа и од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
„Бараме од Министерството за внатрешни работи итно да ги истражи мотивите за нападот на Златев како и лицата кои биле вклучени во инцидентот. Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство само преку брза постапка ќе покажат дека постои волја за расчистување на случаи во кои има напади врз новинари. Со тоа ќе се придонесе кон обесхрабрување на идни напади, а и ќе се подобри степенот на безбедност на новинарите и медиумските работници„, наведува ЗНМ.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) исто така остро го осуди нападот.
“Слободата на говор и плурализмот во медиумите се основи на секоја демократија и без основна безбедност на новинарите и медиумските работници, не е можно практикување на оваа професија. Ги повикуваме институциите, МВР и Основното јавно обвинителство итно да постапуваат во ваквите случаи и тие да не се оставаат нерешени, бидејќи неказнивоста значи и еден вид охрабрување на идните престапници„, се наведува во соопштението од ССНМ.
Од ССНМ уште еднаш потсетуваат дека е потребна итна измена на Кривичниот закон, при што нападот врз новинари и медиумски работници ќе се третира како напад врз службено лице, односно институциите ќе мора по службена должност да преземаат дејствија за расчистување на ваквите напади.