еМагазин
Image default
Бизнис

Објавен повторениот повик за субвенции на евтини авиолинии

Министерството за транспорт и врски денеска го објави повторениот повик за субвенции за евтини авиолинии за домашни и странски авиопревозници кои ќе оперираат од Скопскиот и Охридскиот аеродром.

Објавата следи по поништувањето на повикот во минатиот месец откако беа констатирано административни пречки кај единствената доставена понуда од унгарскиот авиопревозник „Визер“.

Според министерот за транспорт и всрки Горан Сугарески, со новиот повик се направени мали измени во уредбата и програмата со цел да се привлечат што повеќе компании да аплицираат.

– Буџетот што го имаме, и условите што ги даваме, овозможуваат во наредните 30 денови да се пријават што поголем број компании, а потоа да избереме авиокомпанија од чии услуги граѓаните ќе видат бенефит. Остануваме посветени во овој дел и нашата цел е повеќе да се фокусираме на охридскиот аеродром и согласно условите во уредбата и изработената програма, очекуваме во наредните 30-40 денови да биде комплетно завршено, за да во 2019 година продолжи финансирањето на нискобуџетните авиокомпнаии, изјави Сугарески, при денешната посета на општина Могила.

Со новиот повик, уредбата и програмата што ги усвои новата Влада, е предвидено од почетокот на следната до крајот на 2021 година по основ на субвенции за евтини авиолинии да бидат наменети 312,4 милиони денари или пет милиони евра.

Според условите на повикот, авиокомпаните ќе имаат обврска до 10 јануари следната година да воспостават база од најмалку еден авион на скопскиот или охридскиот аеродром. Со поништениот повик се бараше задолжително воспоставување по една база и на скопскиот и на охридскиот аеродром. До 10 јануари треба да започнат со оперирање на најмалку две нови дестинации од аеродромот во Скопје и на најмалку две нови дестинации од охридскиот аеродром, од каде во рок од една година по склучување на договорот ќе треба да воспостават уште две линии.

За секоја нова дестинација од аеродромите во Скопје и Охрид на избраната авикомпанија ќе ѝ се исплаќа еднократен надомест од по 40.000 евра, а се субвенционира и секој патник во заминување во тек на субвенционираниот период.

Компаниите што ќе аплицираат на повикот, меѓу другото, треба да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и остварено профит од 25 милиони евра минатата година.

Со субвенции од државата во изминатите шест години од македонските аеродроми оперира „Виз Ер“ и за таа намена има добиено 9,5 милиони евра.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Топ пет компании кои се „израдуваа“ на милионски буџетски исплати во ноември

Редакција

ЈП „Паркови и зеленило“ вработува 15 јавни службеници, од нив тројца соработници за односи со јавност

Редакција

Инвестиција од 500 милиони евра: Германската компанија WPD ќе гради ветерна електрана

Редакција