Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска изјави дека е завршен увидот на инспекторите од МАЛМЕД во сите места каде што беа детектирани МРП вакцини, со добар и проверен рок, но со техничка грешка на декларациите со македонски јазик.
„Го констатираа бројот, извештајот е готов и сега ќе се продолжи во насока на санкционирање на оваа постапка кон веледрогеријата „Македонијалек“. Ќе инсистираме тоа да биде максималната казна, со оглед на тоа што сметаме дека ваков тип прекршок, кој сериозно го урива угледот на јавното здравство не треба никогаш повеќе да се повтори. Ова ќе биде укажување за сите, како внимателно да ги следат овие внатрешни процеси“, потенцираше министерот, посочувајќи дека од страна на Агенцијата за лекови таа казна за веледрогеријата е парична и се движи од 30.000 до 70.000 евра.
„Јас лично заедно со директорот на Агенцијата за лекови ќе инсистирам тоа да биде максималната казна. Договорот со „Македонијалек“ завршува и не можеме ништо повеќе да направиме заради тоа што и последната количина вакцини е повлечена. Тоа е таа количина на која се случила таа грешка“ , рече Филипче.
Министерот најави дека ќе се повикаат на одговорност сите директори на здравствените домови и тие коишто се задолжени за прием на вакцината, а не укажале на овој пропуст и зошто не се детектирала разлика меѓу вистинскиот рок, кој е добар, и тој на погрешната декларација, со цел Министерството за здравство да преземе санкции кон одговорните за оваа грешка.
Информираше и за состанокот со официјалните претставници на компанијата GlaxoSmithKline, кои имаа увид во вакцината, пакувањето и рокот.
„Компанијата GlaxoSmithKline не увери дека вакцината е нивен производ, дека рокот е добар и квалитетот е согласно нивните стандарди, потврден со испитување во европски лаборатории, какви што има само неколку во цела Европа и истата вакцина се користи во сите земји на ЕУ“, истакна министерот Филипче.
Фото: Министерство за здравство