Релативно досадна, но цивилизирана кампања без навреди, понижувања и местенки водеа тројцата кандидати за претседател на државата за изборите што ќе се одржат на 21. април, со што покажаа дека сите тројца ја заслужуваат претседателската фотеља.
Ова е впечатокот од досегашниот дел од кампањата пред да почне изборниот молк, денеска на полноќ.
Гафовите на Гордана Силјановска Давкова, гестикулациите и говорот на телото на Стево Пендаровски и изненадувачката елоквентност и прибраност на Блерим Река беа главните моменти кои ги коментираа граѓаните и кои всушност ги одбележаа деновите од кампањата.
Сега останува да се види дали на изборите воопшто ќе има цензус, од што стравуваат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како и дали симпатизерите на ДУИ ќе го поддржат Река само заради тоа што е Албанец.
Доколку првиот круг мине успешно, тогаш ќе се отвори простор и за политички калкулации и „предавање“ на гласови со што претседателската трка ќе стане многу поинтересна.