На третото продолжение на судскиот процес за предметот „27 април“, за насилствата во македонското Собрание од 2017 година, што се одржува денеска во Кривичниот суд во Скопје, по едночасовната пауза, одбраната продолжи да ги изнесува воведните зборови, а дел обвинетите се изјаснија дека не чувствуваат вина.
На обвинителната клупа се 33 лица, пратеници, поранешни функционери, јавни личности, полицајци, од кои 31 одговараат за „ терористичко загрозување на уставниот поредок“, а двајца за помагање.
Обвинети се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.
Владо Јовановски, чиј бранител Ставре Џиков, пред паузата ги изнесе воведните зборови, истакна дека го повлекува полномошното на Џиков, упатувајќи извинување кон судечкиот совет за наведените „навреди“ од страна на Џиков.
Горанчо Ангеловски побара судот да му даде рок од три дена за да ангажира нов бранител, бидејќи пред паузата, неговиот бранител го напушти рочиштето, наведувајќи дека не му биле доставени обвинителниот акт и доказите.
Во меѓувреме, судијката Добрила Кацарска по службена должност назначи нов бранител за Ангеловски со цел да продолжи рочиштето.
Тој нагласи дека сепак ќе ангажира нов бранител за в понеделник.
Сашо Јанев, бранител на Игор Југ, посочи оти ќе се докаже дека Југ не презел ниту едно општо опасно дејствие, ниту акт на насилство.
Јанев истакна дека нема докази за обвинението дека Југ имал пиштол, се насочил кон оштетениот претеник Зоран Заев, но не испукал, бидеќи оштетениот бил заштитен.
Бранителот на Југ нагласи дека тоа обвинение е „чиста клевета“.
Билјана Стојановиќ, бранителката на Илија Славески не даде воведни зборови, барајќи од судот тоа да го стори во понатамошната постапка.
Нинослав Јакимовски, бранителот на Игор Југ и Вилијам Михајловски, изрази надеж дека обвинителството ќе има „доблест и храброст таквото обвинение да го повлече“, истакнувајќи дека од самите докази на обвинителството, одбраната ќе докаже дека Југ и Михајловски не се виновни за она што се теретат.
Јакимовски му предложи на судот, одредената мерка притвор да биде укината или да биде заменета со некоја поблага.
Јаким Наумов, бранител на Никола Митровски-Кољо, посочи дека нема јасен и прецизен обвинителен акт.
„Јавното обвинителство мора да го докаже тоа што се наведува во обвинителниот акт“, нагласи Наумов.
Петар Василев, бранител на Митровски и Оливер Радулов, информираше дека во целост е согласен со речиси сите бранители во постапката.
Тој наведе дека не се согласува со констатацијата дека станува збор за „сериозна кривична постапка“, потенцирајќи дека во процесот се сериозни само тоа што за делото може да им бидат одредени казни на обвинетите од над 10 години.
Оливер Вуксановиќ, бранителот на Александар Василевски-Нинџа, го предложи за сведок Благоја Василевски, лицето кое го обезбедувало поранешниот премиер Никола Груевски.
„Одбраната со предложените докази и со распитот на предложените сведоци ќе го оспори наведеното во обвинителниот акт“, констатираше Вуксановиќ.
По изнесените воведни зборови од страна на бранителите, судијката Кацарска им даде збор на обвинетите.
Прв говореше Крсте Мукоски, кој нагласи дека освен останатите обвинети пратеници, не познавал од претходно ниту еден од обвинетите.
„Не се чувствувам виновен“, истакна Мукоски.
Потоа, Сашо Василевски, исто како и Мукоски, наведе дека не ги познавал останатите обвинети од претходно, освен претениците.
Обвинетиот Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност во воведните зборови наведе дека поради збунетост и неодлучност на полициските службеници пред Собранието лично презел команда за консолидација.
Според Чавков, со негова проактивност и интервенција нападот на Собранието поминал без ескалации и без жртви, се реагирало навреме и за час и 20 минути ситуацијата била под контрола.
Тој рече дека откако интервенирал биле обезбедени дополнителни луѓе од единицата за специјални задачи, ги дал потребните наредби, како и дека жали за неуспешноста на единиците при влез во Парламентот.
Обвинителката Вилма Русковска завчера во воведните зборови рече дека ќе докажат оти Чавков бил информиран за сите настани.
Одбраната констатираше дека дека нема докази за обвинителниот акт, а за време на рочиштето беше посочено и дека „судот не нашол за сходно да повика рочиште за проценка на обвинителниот акт“. Имено, одбраната заклучи дека ќе се докаже оти обвинетите не се виновни, и дека ќе добијат ослободителни пресуди.
МИА