еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Предложено Охридскиот регион да добие две години рок да ги исполни препораките на УНЕСКО и да избегне да биде ставен на Листата на светски богатства во опасност

Националната комисија на УНЕСКО на Босна и Херцеговина им предложи на Центарот и советодавните тела на УНЕСКО да им дадат на Македонија и на Албанија дополнителни две години да постапуваат по препораките содржани во Реактивните мисии на Комитетот за Светско наследство на ОН, за да избегнат поместување на Охридскиот регион на листата Светски културни и природни богатства во опасност.

На заседанието на Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура на 44 сесија што се одржува во кинескиот град Фуџоу, Националната комисија на УНЕСКО на Босна и Херцеговина достави амандман за бришење на одредбите од нацрт-одлуката што значеа поместување на регионот на листата загрозени богатства од универзална вредност.

Босна и Херцеговина својот предлог го образложи со потребата да се охрабрат Македонија и Албанија во напорите да се исполнат препораките од претходните извештаи, да се поддржат, а не демотивираат активностите што заеднички ги спроведуваат за справување со предизвиците.

– Охридскиот регион опфаќа голема територија, што бара големи напори за негова заштита што е компликуван процес. Сметаме дека изминатите две години се забележан напредок во исполнувањето на препораките, а подобрена е и соработката на двете дражви во сите сферии.

Обесхрабрувачки би било во овој миг да се стави регионот на листата светски наследства во опасност, наместо тоа потребна им е поддршка, беше посочено од Националната комисија за соработка со УНЕСКО на БиХ.

Предлогот за измена на амандманите на одлуката на БиХ беше поддржан од Русија, Унгарија, Саудиска Арабија, Кина и Гватемала.

За поместување на Охридскиот регион на листата светски богатства во опасност се изјаснија националните комисии на УНЕСКО на Норвешка, Бахреин, Австралија, кои сметаат дека тоа дополнително ќе ги мотивира во напорите за спроведување интегрирани мерки и активности за елиминирање на регистрираните закани.

Министерката за култура, Ирена Стефоска, посочи дека Македонија изминатите две години демонстрирала истрајност и подготвеност да ги интензивира напорите за исполнување на препораките и забелешките на УНЕСКО.

Таа во кусoто обраќање пред учесниците на состанокот побара продолжување на роковите како би се овозможило натамошно делување и исполнување на обврските и во сите сфери за дополнителна заштита на светското културно и природно богатство за генерациите.

– Македонија останува доследна во решеноста да го задржи статусот на Охридскиот регион, преку обезбедување негова соодветна заштита и одржлив развој.

Изминатите две години ги интензивиравме напорите за исполнување на препораките на Комитетот, рече таа притоа посочувајќи некои од спроведените активности како усвојување на Планот за управување со Охридскиот регион, првата фаза од рехабилитација на Колекторскиот систем за заштита на езерото, напуштање на претходните планови за железничката пруга кон Албанија, процесот на отстранување на дивоградбите од крајбрежјето, прогласување на Студенчишкото Блато за парк на природата.

Експертскитe тела на ИУЦН (за природно наследство) и ИКОМОС (за културно наследство) во ревидираните одлуки посочуваат дека изминатите години се исполнети дел од препораките содржани во извештаите на последователните реактивните мисии, некои делумно или недоволно спроведени додека голем број од нив воопшто и не биле адресирани.

Процесите на деградација регистрирани во Охридскиот регион, како што беше истакнато, се последица на кумулативно влијание предизвикано од несоодветни активности на терен со отсуство на соодветна заштита и конзервација на доброто, така што за да се направи пресврт во дегенеративните процеси ќе биде потребно многу напор и време.

Непосредните активности спроведени во одредени области се поздравени, но истите се оценети како недоволни и се посочени како почеток на многу подолг процес на интегрирани и стратешки постапки и мерки што допрва треба да се дефинираат.

Најголема загриженост Комитетот искажува по однос забелешките од Заедничката мониторинг мисија од 2020 година, а кои укажуваат на недоволно спроведени активности за запирање на бавната, но континуирана ерозија на атрибутите што го детерминираат регионот како Светско културно и природно богатство.

Најмногу забелешки има по однос интервенции пред се во старите градски јадра, но и во нивна околина, предизвикана од несоодветна конзервација, реконструкција и развој.

Голема загриженост Светската организација изразува по однос изградбата висококатници на крајбрежјето, слаба архитектонска контрола на новоградбите во градските јадра, како и несоодветна и прекумерна искористеност на крајбрежјето со несоодветна туристичка инфраструктура.

На Сесијата во Кина меѓу останатото беа поздравени активностите што ги спровеле институциите на Македонија и на Албанија во насока на отпочнување на процесите за исполнување на препораките на Комитетот, особено креирање институционални структури на управување, потоа се поздравува привремената забрана на издавање градежни дозволи на македонска страна, процесот на уривање и остранување на нелегални објекти на крајбрежјето, како и формирањето Прекуграничен комитет за управување со регионот.

Како позитивни процеси поздравени се и процесот на прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата, Студијата за ревалоризација на регионот, процесот на прогласување на Студенчишкото Блато за Парк на природата, со забелешка за потребата од нивно доследно спроведување во развојните процеси во иднина, со соодветна грижа во управувањето со доброто.

Загриженост се искажува и по однос недоволно утврдените приоритети во развојните политики, спротивставени ставови, недоволна вклученост на граѓанските сектор во донесувањето одлуки и мерки, што сето во комбинација резултира со фрагментиран и несоодветен систем на управување со светското наследство.

Во одлуките се поттикнуваат двете држави да разработат детален стратешки план за обновување, со соодветен акциски план што би се реализирал етапно, но според јасно дефинирани и утврдени краткорочни и долгорочни цели за ублажување на постојните закани.

Истовремено се инсистира планот да биде базиран врз препораките на Мониторинг мисијата од 2020 година, со сеопфатна прекугранична политичка и институционална рамка за решавање на сериозните и повеќеслојни закани и предизвици со кои се соочува Охридскиот регион.

Планот со спроведените мерки во меѓувреме да биде доставен до Центарот за светско наследство до 1 февруари наредната година.

Истовремено се бара од Македонија и Албанија до 1 февруари 2023 година пред Центарот за светско наследство да достават ажуриран заеднички извештај за состојбата на регионот, вклучително и извештај за постигнатиот напредок во спроведувањето на горепосочените забелешки, од што би произлегле натамошните активности и евентуално поместување на регионот на Листата светски наследства во опасност.

Босна и Херцеговина и Норвешка се задолжени да формираат заедничка група што ќе го следи процесот на исполнување на препораките и за тоа да ги информира Секретаријатот и Комитетот за Светско наследство.

Статусот Светско природно богатство заштитено од УНЕСКО Охридското Езеро го стекна во 1979 година. Една година подоцна и Градот Охрид беше додаден на списокот заштитени културно-историски вредности, така што Охридскиот регион стана едно од само 38-те мешовити природни и културни подрачја во светот признаени и заштитени од УНЕСКО.

Во 2009 година беше покрената иницијатива за впишување и на албанската страна на езерото и крајбрежјето под капата на УНЕСКО, така што десет години подоцна во 2019 година регионот беше проширен на двете страни од езерото опфаќајќи вкупна површина од 94,7 хектари.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Организации од Македонија и Албанија до УНЕСКО: Охридскиот регион да се стави на Листата на светски наследства во опасност

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Инвестиција од 103 милиони евра: Ист Гејт Мол ги отвори портите

Редакција

Вкупно 149: Расте бројот на заразени со коронавирусот на возраст до 19 години во Македонија

Редакција

Нови 674 случаи на Ковид-19 од 3.156 тестови, 98 се реинфекции

Редакција