Mинистерството за надворешни работи информира дека е во редовна комуникација со Генералниот конзулат на земјава во Солун и со надлежните институции на Грција, во врска со вчерашниот инцидент во кој на вандалски начин беше опожарено возило од нашиот Конзулат.
„Нашиот Конзулат е известен дека грчките власти направиле соодветен увид и ги преземаат сите потребни мерки и активности за пронаоѓање на сторителите и евентуалните мотиви на овој немил случај, како и дека покрај возилото на нашиот дипломат, во истиот период, било запалено и второ возило на различно место во градот“, се додава во соопштението на МНР.
Министерството нагласува дека двата случаја се предмет на истрага, со цел да се откријат извршителите и мотивите, за кои оценува дека на ниту еден начин не се насочени против нашата држава.
„Исто така, веруваме дека овој вандалски акт на ниту еден начин нема да влијание врз одличните добрососедските односи меѓу двете пријателски земји“, се потенцира во соопштението.