Општина Гевгелија се откажа од приходите што можеше да ги добие од рудниците, бидејќи е еко општина во која доминираат туризмот и производството на здрава храна, но тоа не значи дека не треба да остварува некаква добивка од казино бизнисот кој во општина Гевгелија е развиен поради блискоста до границата со Грција, смета гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков.
Својот став, Поцков неодамна повторно го актуелизира затоа што смета дека на тој начин локалната самоуправа ќе може директно да влијае на локалниот економски развој, кој моментално во општина Гевгелија се одвива преку туризмот и лесната индустрија, поточно текстилната, прехранбената индустрија и винарството.
-Од колачот на казино бизнисот дел треба да добие и општина Гевгелија, која треба да биде вклучена не само во финансиско искористување на компаративната предност од казино бизнисот, туку и во постапката за издавање на лиценци на инвеститорите заинтересирани за отворање казина, како што е случај во Словенија, вели Поцков.
Во моментот од данокот на инсталираните слот машини се издвојуваат три отсто за потребите на здравството, кое само од слот машините во гевгелиските казина годишно изнесува еден милион евра.
МИА