Унгарскиот премиер Виктор Орбан прогласи победа на вчерашните парламентарни избори.
Во својот говор, Орбан рече дека „изгледа прилично добро, можеби никогаш подобро“.
„Ова е голема победа. Освоивме толку многу што може да се види од Месечината, а секако и од Брисел“, рече Орбан.
Според првичните резултати, владејачката партија Фидес на премиерот Орбан има убедлива предност пред обединетата опозиција.
Резултатите од 74,52 проценти од обработените избирачки места се: Фидес – 54,45 проценти, Обединети за Унгарија – 33,72 отсто, Движење на нашата татковина – 6,40 отсто.
Состав на Парламентот: Фидес – 135 пратеници, Обединети за Унгарија – 57 пратеници, Движење на нашата татковина – 7 пратеници.
Во Будимпешта се гласаше на 3.154 избирачки места и 23 области, јави агенцијата МТИ.
Кандидат на опозицијата за премиер беше Петер Марки-Зај, кој во моментов е градоначалник на Ходмезевашархел, град во јужна Унгарија.
Коалицијата Обединети за Унгарија, која обединува шест опозициски партии со широк политички спектар – од либералите, преку центарот, до десното крило, ги здружи силите за да ја собори десничарската Фидес.
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) испрати мисија за набљудување на изборите во Унгарија, вклучувајќи 18 долгорочни набљудувачи и 200 други на денот на изборите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Победничко селфи на Мицкоски и Орбан од Будимпешта
МИА/Фото: Фејсбук/Орбан