еМагазин
Image default
Македонија

Осуди за скандалозната изјава на Заев и од СЕММ, ССНМ и повеќе невладини организации

И денеска лавина од реакции за скандалозната изјава на премиерот Зоран Заев. Ви ги пренесуваме реакциите на СЕММ, ССНМ и повеќе невладини организации

СЕММ: Изјавата на Заев недолична и несоодветна од носите на јавна функција

Вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев дека нема да дозволи суетен новинар да ја симне Владата од власт, СЕММ ја оценува како недолична и несоодветна од носител на јавна функција.

Улогата на власта во демократијата во ниеден случај не смее да значи нивно мешање во работата на новинарите, а ваквите изјави може да се сметаат за отворен притисок и обид за јавна дискредитација на професијата, од која се очекува да даде одговор на прашања од интерес на јавноста.

Во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, работата на новинарите мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци, а државата е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување.

Во исто време, ја осудуваме и непримерната изјава на премиерот со која директно се стигматизира ЛГБТИ заедницата во државата, во услови кога оваа заедница долго време се залага за ослободување на јавниот дискурс од дискриминаторен и потценувачки однос, велат од Советот за етика во медиумите на Македонија.

ССНМ: Заев да внимава што зборува за новинарите

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро ја осудува изјавата на премиерот Зоран Заев во која тој покажа голема доза на нетрпеливост кон неименуван новинар нарекувајќи го „суетен“.

ССНМ смета дека кога вакви, во најмала рака непримерни изјави насочени кон новинарите и медиумските работници, доаѓаат од највисоките државни функционери, може да се толкуваат, перцепираат и прифатат од дел од јавноста како отворање фронт кон новинарите, загрозување на нивната безбедност и ограничување на слободата на печатот и затоа бара од премиерот Заев да се извини.

Нагласуваме дека на почетокот на мандатот владата на Заев ветуваше борба против нападите врз новинарите и се залагаше за слобода на изразувањето, но вчерашната изјава на премиерот Заев е во целосна спротивност на тие заложби.

Иако премиерот Заев не прецизираше за кој „суетен новинар“ се работи, јавноста препозна дека изјавата е насочена кон уредникот Бранко Героски, кој и самиот соопшти дека по изјавата бил цел на зголемен број на напади и дискредитации на социјалните мрежи.

Тоа докажува дека политичарите, а особено оние на највисоки функции мораат да бидат внимателни при своите изјави бидејќи една несоодветна изјава може да предизвика штети од несогледливи размери како кон поединци, така и врз слободата на изразување, велат од ССНМ.

Граѓанските организации реагираат на скандалозната изјава на Заев

Ние долупотпишаните граѓански организации, остро ја осудуваме скандалозната, недолична, хомофобна изјава на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, но и изјавата со која се врши дискредитација на новинари кои критички ја опсервираат работата на власта.

Овој вид на јавен говор од носител на највисоката јавна функција, недвосмислено дава легитимитет и го охрабрува говорот и делата од омраза кон сите оние кои се со различна сексуална ориентација и ја загрозува слободата на изразување.

Изјавата на премиерот, вклучително и неумесното „извинување“, освен што се навредливи и дискриминирачки, поттикнуваат хомофобија и линч насочен кон ЛГБТ заедницата. Се доведува во прашање доследното спроведување на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, и се поставува прашањето дали досегашните заложби за унапредување на ЛГБТИ правата се навистина суштински или се само декларативни и формални.

Воедно, сметаме дека е крајно неприфатливо со вакви непромислени изјави да се етикетираат новинари кои критички известуваат за работењето на актуелната власт, и на тој начин да се создаваат услови за ограничување на слободата на информирање и изразување.

Инсистираме Владата и Премиерот да покажат зрелост и умешност за справување со критиките, но и сериозно да се заложат за поддршка на критичката мисла и независното новинарство. Ова е особено важно во контекст на транспарентноста и отчетноста кои Владата ги претставува како едни од основните начела на своето работење.

Системот на вредности кој сакаме да го негуваме во Република Северна Македонија како идна членка на НАТО и ЕУ, во ниту еден случај не дозволува ваков дискурс кој ги доведува во прашање безбедноста на граѓаните и слободата на изразување, велат од Фондација Отворено општество – Македонија, Хелсиншки комитет за човекови права, Коалиција сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници МАРГИНИ Скопје, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, Здружение за културен и медиумски активизам КВИР СКВЕР Скопје, Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје, Здружение за дислексија АЈНШТАЈН Скопје, Здружение за развој и унапредување на Ромската заедница-РОМАНО ЧАЧИПЕ (РЧП), Центар за современи уметности – Скопје, Рурална Коалициjа, НВО Инфоцентар, Здружение Национален Ромски Центар, Здружение ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, Коалиција “Сите за правично судење”, Здружение за унапредување на родовата еднаквост – Акција Здруженска Скопје, Институт за човекови права, НВО КХАМ – Делчево, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените –ЕСЕ, Здружение на граѓани за поддршка на лица со посебни потреби СОЛЕМ – Скопје, Контрапункт – асоцијација за развој на критичка култура и современи уметнички и критички практики, Искра Гешоска, претседателка, МЕТАМОРФОЗИС – Фондација за интернет и општество, Македонско здружение на млади правници, ЗГ за промоција на женската активност Тиииит! Инк. – Скопје, Здружение за сексуални и родови малцинства СУБВЕРЗИВЕН ФРОНТ Скопје, Институт за демократија ИДСЦС, Реактор – Истражување во акција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Осуди за скандалозната изјава на Заев и од СЕММ, ССНМ и повеќе невладини организации

Зошто под квалификативот „еден суетен новинар” се препознал Героски тоа треба него да го прашате, вели Заев

(Видео) Реакција за милион долари по спорната изјава на премиерот Зоран Заев

Фото: ССК

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Регистрирани 557 прекршоци за неносење маска

Редакција

Американскиот аналитичар Бугајски за „Побједа“: Македонија може да стане нова Република Српска

Редакција

Ковачевски уверен дека МВР ќе спречи инциденти на чествувањето на роденденот на Делчев

Редакција