Во рамките на серијата на настани и иницијативи дизајнирани да им помогнат на македонските компани да се прошират на странски пазари Американската стопанска комора (АмЧам) беше домаќин на настанот „Освојување на странски пазари” кој се одржа на 25 ноември.
Главниот извршен директор на Сивус, Коча Бошку, раководителот за Фармацевтски корпоративен развој на Алкалоид, Милош Радуловиќ, и Калин Бабушку, управен директор на Македонија Експорт модерирани од извршната директорка на Американската стопанска комора, Дијана Десподов, разговараа за условите и стандардите што треба да ги исполнат македонските компании пред да влезат на странските пазари.
Говорниците споделија и успешни и помалку успешни примери од своите искуства на странски пазари во областа на истражување на пазарот, маркетинг, продажба, и менаџирање со човечки ресурси.
Калин Бабушку ја потенцираше важноста на македонскиот бренд и алоцирање на потенцијалите на земјата со цел зајакнување на конкурентноста и имиџот на македонските производи и бренд во светот. Тој исто нагласи дека најважниот елемент за успешна експанзија на странски пазари е квалитетен производ.
Коча Бошку зборуваше за потребата од свесност на највисоко корпоративно ниво дека извозот е инвестиција која е неопходна за секоја прогресивна компанија и нагласи дека треба да ги прифаќаме промените како можности а не како препреки и да бидеме похрабри во преземањето ризици.
Милош Радуловиќ посочи дека менаџментот треба да нвестира во врвни професионалци и да е секогаш отворен и подготвен да го слуша мислењето на својот тим, да ги прифати идеите со отворена свест и внимателно да ги разгледува пред да ги отфрла. Вработените не треба да се плашат од експериментирање и неуспех, бидејќи патот кон растот поминува низ нив.
Настанот го проследија компании членки на АмЧам, други извозници, стартапи, мали и средни претпријатија, банки и други претставници на извозниот екосистем.
АмЧам Македонија ја сочинуваат 140 компании од различни сектори и индустрии кои се посветени на зајакнувањето на гласот на меѓународниот бизнис во Македонија, промоција на одржлива, предвидлива и конкурентна бизнис средина, и општествена одговорност на компаниите.
Членките на АмЧам претставуваат значаен дел од македонската економија; имаат вкупен годишен обрт од 4 милијарди евра и вработуваат 40.000 граѓани.