Лекар специјалист, професор, еден од омилените на граѓаните во борбата против Ковид-19, микробиологот Никола Пановски ќе го сретнете со велосипед низ град или на тениски терени. Откако е почната ковид кризата, граѓаните постојано бараат совети од него, го уважуваат неговото мислење и го доживуваат како глас на разумот. Тоа ми се потврди и кога на пат кон „Кантина“, беше застанат од една граѓанка со прашање. Возејќи влеосипеди го прашувам: „Вака ли е секогаш кога излегувате?“
„Тоа ми е предизвик. Сепак мојата главна мисија на овој свет е едукација, а сега тоа го правам и тоа ме исполнува. На некој начин помагам, а и побрзо минува времето. Дневно одговарам на просечно 20 прашања, или сигурно над 3.000 совети сум дал од март наваму.
Многупати сум одговорил дека не знам, а граѓаните тоа го ценат. Имено, многу сум читал, сум се едуцирал и имам големо искуство, 41 година сум лекар, 37 години специјалист, 30 години наставник.
Учејќи, научив дека што повеќе осознаваш, толку повеќе си свесен колку не знаеш. Па веројатно е тоа причина, луѓето да ми веруваат, го кажувам тоа што го знам, а за тоа што не го знам давам претпоставки, прогнози, итн.
Ми велат се што сум прогнозирал сум погодил, па во зградата има кладилница, па ме викаат да им пополнувам ливчиња!!! Моите прогнози инаку немаат врска со среќа или со интуиција, туку со искуство и наука,“ вели Пановски во разговорот за „еМагазин“.
Функционална себичност- по цена да се разболат не се откажуваат од секојдневниот живот
На прашањето што се случи со вирусот што изврши ваков „напад“ во овој есенски бран, професорот вели дека, докажана е една мутација D614G, која овозможува поголема преносливост на вирусот, односно тој не е повирулентен (посмртоносен), туку полесно се шири.
Сепак, главна причина за есенскиот бран, како и кај сите респираторни вируси, е студеното време.
„Луѓето се прибраа внатре, ги затворија прозорите, сакале, не сакале мораа да го направат тоа и можноста за ширење се зголеми во просек за 20 пати. Имено, надвор, ветерот и огромниот волумен на воздух, го разредува вирусот.
За инфекција со Ковид-19 потребна е инфективна доза, или количина на вирусот, таа многу тешко се постигнува на отворено, тешко при отворени прозорци и проветрување, но лесно во затворени, непроветрени простории, во кои престојуваат многу луѓе.
Да не го заборавиме и јавниот транспорт, во смисла на одење и враќање на луѓето на работа, носење на децата во градинки, училишта, спортски тренизи, итн,“ вели Пановски.
Во однос на недисциплината на луѓето за непочитување на мерките за заштита, вели дека таа е релативна. Како пример го посочува делот од Европа, пред се Велика Британија, Франција, Шпанија, Белгија, Италија и особено САД, кои тешко ја надминуваат кризата, пред се поради навиките на младите, па и повозрасните вработени, да не се откажат од своите секојдневни навики, било да е тоа рекреација, пиење кафе, итн.
„Не е толку недисциплина, туку феномен наречен „функционална себичност“. По цена да се разболат, не се откажуваат од секојдневниот живот. По тоа овие земји драстично се разликуваат од Азија, пред се Далечниот Исток, па дури и од африканските земји.
Кај нас, во септември особено затаи конролата. Преполни автобуси, комбиња, свадби, концерти и журки, па имавме висок старт на почеток на вториот бран, за само две недели бројот на нови случаи скокна од 200 на 1.000,“ додава тој
Професорот смета дека треба да се затворат угостителските објекти, фитнес центрите и да се воведе барем полициски час од 22 часот до 5 наутро, за да се спречи собирањето на младите. За целосното затворање за време на викенд вели дека притисокот од бизнис заедницата и воопшто од економијата е преголем, па страда здравствениот систем, кој се преоптовари.
Пановски посочува дека таквите мерки се чуваат кога се очекува кулминацијата, или таканаречен пик, а тоа е за две недели. За разлика од него пак, министерот за здравство Венко Филипче, рече дека пикот бил поминат.
Едно општо лудило со употребата на лекови можна причина за големата смртност
Факт е дека бројките на заразени не се големи само во државата, туку цел регион и Европа се соочува со силен удар, но она што загрижува е смртноста. Професорот го прашувам зошто е висока дали поради преморен персонал, ненавремена хоспитализација поради пренатрупаност, несоодветна инфраструктура…
„Се што кажавте во прашањето се можни причини, потоа големиот број на срцеви и васкуларни заболувања кај нас, дебелината, дури и кај младите, но можеби и полипрагмазијата (неоправдана и непотребна употреба на лекови во исто време, н.з) која доби загрижувачки размери.
Се препишуваат лекови дури и кај здрави, луѓето сами се лечат, особено со високи дози витамини, антибиотици во количини и комбинации непознати во светот. Едно општо лудило. Се прашувам, дали имаме епидемија од вирус или епидемиско труење со медикаменти. Се прашувам што е поопасно. Национални протоколи за лекување се уште не се објавени,“ додава Пановски.
Во однос на изградбата на модуларните болници во поголемите градови каде што е критично, професорот смета дека тие ќе се постават доцна. Според него, капацитетот на лекари и оние кои што можат да помогнат воопшто не е искористен. Изнесе податок дека имаме над 200 невработени доктори и околу 1.200 медицински сестри.
„Има здрави и искусни пензионери, кои не мора да прегледуваат пациенти, можат да прават протоколи и насоки за лекување, анализи, прогнози, итн,“ додава тој.
За матичните лекари кои носат огромен товар во оваа битка и губат драгоцено време со хоспитализација на пациентите, Пановски смета дека требаше да постојат ковид амбуланти со матични лекари, специјалисти интернисти, лабораторија и рентген, каде пациентите ќе бидат прегледувани.
„Ова сега, со телефон е таа полипрагмазија. Во неможност за детален преглед, за лабораториски анализи, за ртг слика, дај му на пациентот се што ќе ти падна на памет, за секој случај. Тука е проблемот. Се разбира не кај сите матични лекари. За голем дел од нив струката е најважна,“ потенцира професорот.
Во хрватските протоколи за третман на ковид нема збор за нивниот сумамед во лекување на оваа болест
Како претседател на Комисијата за контрола на антимикробна резистенција АМР на Македонија тој го покрена прашањето за прекумерната употреба на антибиотиците за време на пандемијата со Ковид-19 и објави пример за неконтролирано препишување во лекувањето.
„Излегоа некои рани студии дека азитромицинот, па потоа цефиксимот, можеби имаат антивирусни својства. Тоа беше во март. Тоа дејство кое го имаа во лабораторија не се потврди во клиничките студии. Тоа се два достапни лекови кај нас, под заштитените имиња „сумамед“, кој е пронајдок и производ на „плива“ од Хрватска, и „панцеф“, производ на Алкалоид.
Од сосема непознати причини, почнаа пациентите да ги бараат, а лекарите да ги препишуваат. Масовно, дури тоа си го нарекоа „стандардна терапија или профилакса“ за Ковид-19, непозната во науката.
Во хрватските протоколи за третман на ковид, нема збор за нивниот „сумамед“ во лекување на оваа болест. За жал се пропишуваат и други антибиотици, како што е моксифлоксацин, кој инаку не е на позитивната листа на ФЗО, па не ја знаеме точната бројка на потрошени пакувања.
Антибиотикот „сумамед“, го пратам од неговото пронаоѓање и промоција во Загреб 1990 година. Јас прв го донесов во Македонија и го испитував како делува на бактериите. Со него работам 30 години, пола свет сум го посетил, заедно со другите надворешни соработници на Плива од другите земји, каде сме го промовирале овој лек.
Тој се дава три дена, а дејствува 10 денови. За сексуално преносливи блести се даваат две таблети од 500мг, а дејствувват во следните 10 дена. По амоксиклавот, тоа е втор најиздаван лек во аптеките во светот.
Сега, дојдов во ситуација да преколнувам тој лек да не се пие!!! Не делува на вирусот, не е лек за избор на бактериска пневмонија после ковид, и конечно не смее да се пие во двојни дози, шест дена, наместо три, а тоа станало пракса. Тогаш е отров, со двојни дози!!! И не се комбинира со други лекови, како што е моксифлоксацинот, а и тоа се прави.
Штетата е огромна, се уништуваат нашите добри бактерии, се овозможува кај некој што ќе се хоспитализира да се населат отпорните болнички бактерии многу брзо и многу лесно, на празното место каде биле добрите бактерии.
Се селектираат отпорни бактерии. Според моја проценка, од 400.000 рецепти, реализирани за овие два лека (лани се препишале 230.000, а годинава 630.000) половината се во домашните аптеки, а 200.000 се испиени без потреба.
Буџетот на Фондот е оштетен за околу половина милион евра, а уште толку платиле граѓаните од свој џеп. Парадоксот е што јас се надевам дека половината од овие пакувања ќе бидат фрлени во отпад, а нема да се испијат,“ објаснува Пановски.
За овие согледувања, никој од здравствените власти не го прашал ништо.
„До сега не, министерот Филипче ми се јави првпат деновиве, од почетокот на пандемијата, но за една информација, а не за совет. Претседател сум на Комисијата за контрола на резистенцијата кон антибиотици, при Министерството за здравство, реагирам кон нив за проблемот со прекумерно давање на антибиотици и немање на протоколи, но од таму нема реакција,“ вели Пановски.
Никогаш не сум се напил витамин, освен кога ќе ме фати рбетот
Народот „удри“ на витамини, и сите пијат како да имаат Ковид-19, но Пановски смета дека нема потреба да се пијат дози како да се има вирусот.
„Имаше логика напролет кога бевме затворени, но летото сите добија витамин Д по природен пат. Оние кои не можат да излегуваат, тие треба да пијат. Сите други витамини и минерали ги добиваме преку храна. Кај болните, кои се дома, ефектот е повеќе психолошки.
Пациентот нешто пие, се смирува, не е оставен така. Инаку, реално и тие не помагаат, како ни антибиотиците кај лесно болните, ама барем не се штетни, ако не се претера со предозирање,“ вели професорот кој за себе вели дека никогаш не се напил витамин, освен кога ќе го фати рбетот.
„Кога има сонце сум надвор, а другите витамини ги примам преку храната, имено добро се хранам, за жал премногу добро, односно трошам многу, ама уште повеќе внесувам. Инаку се уште сум активен, одам на работа и откога застуде. Дома и во продавница се единствените затворени места кои ги посетувам, со исклучок на големите студија во медиумите,“ додава тој.
Важно е според него, кога не е загаден воздухот да се излегува надвор, особено кога зимно време е сончево.
„Мојата порака е од секогаш „излези надвор“, за разлика од она „остани дома“, кога имавме по 20 случаи на ден. Надвор, во смисла на отворено, каде што нема гужва, на планина, во природа, во село, во викендици.
Целава работа е некако свртена наопаку. Се контролира и казнува таму каде вирусот скоро и да не се шири. Затоа ефектот е нула. Граѓаните се подлажуваат со лекови кои не дејствуваат, па дури се и штетни. Со друга стратегија, сега децата и младите ќе имаа имунитет, ако во меѓувреме ги тргневма ранливите групи од контакти со децата и младите, но тоа е друга приказна,“ додава тој.
Професорот се согласува со неговиот колега невропсихијатар Методи Чепреганов дека во целиот овој хаос, потребно е човек да остане психички стабилен, позитивен, бидејќи вирусот се шири и преку негативноста.
„Според мене, за добро здравје, психата е на прво место, па физичката активност, па здравата исхрана. Се разбира, генетиката е многу важна, особено кај ковид, ама таа не можеме да ја менуваме.
Секој треба, да се најде себе си, во спортот, музиката, професијата, во читање, пишување, цртање.
Јас лично лесно поднесувам, ми помагаат трите деца во тоа, ги анимирам сите, а постојано, ако не спортувам, одговарам на медиуми, граѓани, колеги и студенти. Знаев дека ова ќе трае долго, повеќето работи ги очекував и релативно добро се справувам со состојбата,“ завршува Пановски.