Најдовме разбирање, изјави лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по денешната средба со претседателот на државата Стево Пендаровски и потенцира дека не бараат амнестија или милост, туку правда за осудените за „27 Април“.
Тезата на претседателот Пендаровски е дека ако продолжиме со ваква крајно спротивставена политичка реторика, ние не само што нема до дојдеме до национално или граѓанско помирување, туку, како што истакна, нема да можеме да воспоставиме ниту базична политичка комуникација меѓу нас, како што сега е ситуацијата.
– Не правам ревизија на судската пресуда, бидејќи не гледам причина за такво нешто, тоа е завршена работа, луѓето лежат во затвор, ниту велам дека пресудата е донесена без докази.
Зборувам за обидите за политичко толкување на пресудите што не придонесува за воспоставување нормална политичка дебата во која нема да се гледаме како смртни непријатели.
Мојот став дека ако има нови докази кои порано не биле познати, може да го преотвори процесот, не значи дека јас заговарам преотворање на процесот, туку ја цитирам одредбата од законот и законската можност според која тие луѓе преку своите адвокати во вонреден правен лек можат да побараат од Врховниот суд да ги оцени новите докази, ако такви постојат.
Одлуката дали процесот ќе биде повторен, сигурно нема да ја носи некој полтички фактор, туку судот, изјави претседателот Пендаровски.
Мицкоски појасни дека обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок поради непостапување е драконско и треба да ја добијат пресудата од втор степен за да имаат право на вонреден правен лек и врз основа на новите докази што бранителите ги поседуваат да бараат правда од трет степен како што е Вреховниот суд или пред Европскиот суд за човекови права.
– Она кое што е реалност, поврзана со тој случај е дека основното човеково и уставно загарантирано право на жалба и второстепена судска одлука на лицата коишто се осудени поради настаните од 27 април, во моментот е завршена, и за жал најголемиот дел од нив се уште ја немаат таа одлука добиено, за да можат понатаму да ја искористат вонредната, вонреден правен лек, односно да можат понатаму врз основа на новите докази, коишто според моите информации, ги имаат адвокатските тимови на овие лица да ги достават до Врховниот суд или пак до Европскиот суд за човекови права, рече лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.
Мицкоски потенцира дека очекува политичарите да ги држат настрана рацете од обвиненијата и од судските одлуки, да се ослободи Обвинителството и судството од каков било политички притисок, а секој граѓанин да има право на своја одбрана, на жалба, на вонреден правен лек во фер услови.
Очекува ова да го потврди и Пендаровски и останатите политичари, пред се врвот на власта.
– Најсреќен би бил Заев да не влијае на судството, тоа е мојата молба, рече меѓу другото Мицкоски.
Потврдувајќи дека ВМРО – ДПМНЕ ги одмрзнува односите со претседателот Стево Пендаровски, Мицкоски информира дека по денешните разговори и за евроинтеграциите, за политичка и економска сосотјба, за состојбата со криминалот и корупцијата, за стратешки проекти, за ставот на ВМРО – ДПМНЕ за клиничкиот центар, за инвестирињето во нова гасна централа… се договориле и понатаму да комуницираат за крупни прашања од интерес на државата и граѓаните.
МИА/Фото: МИА