По долгодишно новинарско следење пред се на бизнисот во Македонија, јас и уште тројца колеги, одлучивме работите да ги земеме во свои раце и практично да провериме како е да се води бизнис во земјава.
Одлуката да основаме сопствен портал од повеќето наши пријатели и познаци не наиде на некое посебно воодушевување, од проста причина што најчестиот коментар што го добиваме беше: „Како ќе опстанете, врие од портали“.
Тоа и на нас ни беше најголемата мака, непречуствувајќи дека доаѓа сериозна криза на сите нивоа, која подоцна излезе дека ни била нашиот најголем проблем до сега.
Да бидам искрен почнавме многу наивно. Имавме некои базични познавања што е тоа портал и како се поставуваат вести на истиот, бидејќи години наназад сме го работеле тоа, но фала Богу за брзо сфативме дека тоа е само еден сегмент од целата приказна.
Така беше и со содржината. Идејата ни беше да објавуваме оргинални информаци, што ќе не издвои од другите портали, но во мал број и во магазински концепт.
И во овој дел брзо се преиспитавме и сфативме дека портал е 24/7 работа, со многу информации, од ексклузивни до фактографски.
Податок што е многу интересен и на кој посебно сме горди, е што ние со месеци работевме без пари. И не само тоа. Се што требаше да се инвестира, од техничка подршка до дизајн беше од наш џеб, без ничија помош.
Тоа не не спречи да напредуваме во содржинскиот дел и за брзо да станеме препознатливи на преплавениот порталски пазар.
И што ни е посебен ќеиф, нашите колеги новинари од другите медиуми не обожаваат и секојдневно добиваме признание за нашата работа, а богами некои и многу често ни ги крадат информациите.
Почнаа да доаѓаат и парите, а како и во целото стопанство, не секогаш наплатата одеше сјајно.
Сепак за сите овие четири години, уште еден податок на кој сме многу горди, е дека ние сме пазарно ориентиран портал, кој живее единствено од реклами и ПР текстови.
Немаме земано ни денар од ни една фондација или од влада.
Тоа многу ни помогна да бидеме вистински новинари и да ја негуваме оваа професија, која за жал последниве години стана една од нај непочитуваните.
Како што поминуваше времето, еМагазин се збогати со многу оргинални рубрики.
За бизнис информациите, кои ни се најаката страна, рака на срце, немаме некоја сериозна конкуренција, а една од рубриките на која најмногу се радуваме е „Да помогнеме“.
Среќни сме што преку таа рубрика успеавме да смениме многу животни судбини и да го дадеме нашиот придонес како општествено одговорен портал.
Тука е „Чиста околина“, во која пишуваме за екологија, „Добрососедство“, во која ги негуваме информациите за соработка на Македонија со соседите, „Ретро“ во која Ве потсетуваме на многу работи од минатото, „Убава приказна“, во која ги славиме успесите на нашите компании, и „Бенчмарк“, „Техно“…
И во иднина ветуваме уште повеќе информации и негување на новинарството и ветуваме дека сериозно ќе работиме на враќањето на кредибилитетот на оваа професија.