Работниците на Тетекс Јарн во Тетово кои утринава одржаа јавен протест пред фабриката информираат дека по нивниот протест и пријава до полицијата приведен е еден претставник на компанијата со седиште во Бугарија.
Тие ја повикале полицијата сомневајќи се дека лицето сака да наштети на имотот што е останат во фабричките погони.
-Ние повикавме полиција сомневајќи се дека дел од раководството од фирмата од Бугарија сака да ја земе произведената волница и машините и да ги продава.
Приведен е Петар И. директорот на фирмата, сопственик на Тетекс Јарн, чие главно седиште е во Бугарија, инфомираат работниците.
Од СВР Тетово потврдија дека е приведен државјанин на Бугарија, но поради нелегален престој.
-Полициски службеници на СВР Тетово во Тетово го лишиле од слобода П.И.(56) од Република Бугарија, кој непријавено престојувал на подрачјето и кому во јануари годинава му истекла важноста на неговата лична карта за странци.
Бугарскиот државјанин е задржан во Полициската станица Тетово и во текот на денов ќе биде предаден на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Тетово за натамошна постапка, информираат од СВР Тетово.
Дел од 160 работници во фабриката за производство на предиво и волница Тетекс Јарн Лимитед утринава одржаа јавен протест барајќи да им се исплатат две заостанати плати.
На нив и на новинарите не им беше дозволен влез во фабричкиот круг..
МИА