На 85-годишна возраст почина македонскиот композитор и диригент, маестро Александар Џамбазов.
Веста за смртта ја објави неговиот син, актерот Игор Џамбазов.
„Си замина нашиот маестро, тивко и нечујно, како што живееше во последните 25 години. Од денес, конечно со својата Анче. Вечен нека ни е споменот на тебе, маестро мој“, напиша Игор на Инстаграм.
Огромно жаалење за смртта на Џамбазов, изразија од Сојузот на композиторите на Македонија, од каде посочија дека тој е втемелувач на македонската детска и популарна музика со голем број на изведени, снимени и печатени и наградени дела во земјата и странство, истакнат општествен деец во целокупната музичка култура, за што е добитник на над 40 стручни и општествени награди и признанија во Македонија и во поранешна Југославија.
Тој е добитник е и на државната награда „11 Октомври“, наградата на град Скопје „13 Ноември” и др.
Џамбазов е еден од основоположниците на танцовиот и ревискиот оркестар на Македонската радио телевизија, на фестивалот на забавни мелодии „Скопје“ и на најпознатиот, најафирмиран и еден од најстарите музичко-детски фестивали во Европа, „Златно славејче“.
“Неговиот исклучителен придонес е и во музичкото исполнителство како диригент со над 40-годишен непрекинат и континуиран работен стаж, и како несебичен пропагатор на опусот на македонските композитори од овој жанр.
Во неговиот богат творечки и интерпретавен опус се обединети сите негови животни и креативни настојувања на взаемно преточување на „сериозниот” и „популарниот” жанр врз кои базира целото негово творештво што опфаќа оркестарски, хорски, камерни дела, забавни мелодии, песни за деца, музика за филм и за театарски претстави“, велат од Сојузот.
Џамбазов е роден на 03.02.1936 гододина во село Стапар, Војводина, Р. Србија од мајка Цветанка, домаќинка и татко Методи, учител од Штип, кој бил преместен во 1934година во Војводина поради своите напредни идеи.
Во 1947 година во Скопје го завршува најпрво нижото музичко училиште (започнато во Штип) и средното – 1956 година.
Истата година се запишува на Музичката академија во Белград, каде дипломира во 1960 година.
Веднаш по дипломирањето поканет е да работи во Радио Скопје, и тоа најпрвин како соработник во редакцијата за сериозна музика, потоа во редакција на забавна музика и музичката продукција, а од 1964 година е назначен за диригент на танцовиот оркестар на РТВ Скопје на кое работно место се наоѓа до неговото пензионирање.
Фото: Инстаграм/Џамбазов