Се создава ли можност преку новоформирани интернет портали да се перат пари наменети за медиумската кампања за предвремените парламентарни избори е дилема која се наметнува откако дури 235 портали се пријавиле во регистарот на Државната изборна комисија (ДИК) за медиумите кои сакаат да обезбедат простор за партиски реклами за изборите.
Нашата анализа на овој регистар покажа дека меѓу пријавените портали, освен кредибилни новинарски куќи кои работат веќе долги години има и „еден куп“ за кои поголем дел од македонската јавност прв пат слуша.
ПОРТАЛИ НИКНУВААТ ПРЕД ИЗБОРИ
Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски за Топ тема на Телма телевизија изјави дека е забележливо пролетно никнување на интернет портали пред одржувањето на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април.
Тој информира дека во регистарот на медиуми на ДИК кои ќе обезбедуваат простор на политички маркетинг за време на изборите има пријавено над 200 интернет портали што е драстично зголемување во однос на претседателските избори кога имало околу 75 пријавени портали.
Дерковски посочи дека за медиумска кампања намената за порталите се предвидени најмногу 25 отсто од вкупната сума од 3,6 милиони евра. Тоа значи дека над 800.000 евра ќе завршат кај интернет порталите.
ШТО ВЕЛИ ЗАКОНСКАТА РЕГУЛАТИВА
Законската регулатива ограничува дека еден портал може да земе до 15.000 евра, што секако не е сума за потенцување ако се земе предвид дека се што треба да поднесат порталите е ценовник и тековна сметка за период од еден месец.
Тоа значи дека некој што отворил портал годинава, на неколку месеци пред изборите може да се натпреварува за дел од колачот предвиден за медиумска кампања за изборите и дека во дослух со партиите е можно да се перат пари кои се исплаќаат од државниот буџет за оваа намена.
Детална листа на порталите регистрирани во ДИК, ТУКА.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Детален преглед: „Тепачка“ за пари од изборите меѓу македонските медиуми