Панко Брашнаров македонски комунист, член на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), како најстар делегат на 2 август 1944 година го отвори првото заседение на АСНОМ.
Поради поддршка на Резолуцијата на Информбирото во 1950 година беше уапсен, а во 1951 година е испратен на Голи Оток, каде набрзо умира како најстариот затвореник по основа на Информбирото кој починал во затвор.
60 години не се знаеше каде се погребани неговите посмртни останки.
Во септември 2011 година, новинарска екипа на емисијата КОД, која тогаш се емитуваше на телевизијата Канал 5, составена од новинарите Владимир Тевчев и Александар Кукулев и снимателот Данчо Стефков успеа да го пронајде гробот на Брашнаров.
Закопан е на градските гробишта Мирогој во Загреб, Хрватска.
Неговите посмртни остатоци доживеале две есхумации.
Во 1953, две години по неговата смрт на Голи оток, тој е погребан на загребските гробишта.
Во 1971 година е есхумиран во заедничка гробница, во близина на првото гробно место, а во почетокот на осумдесеттите, неговите коски, заедно со коските на уште неколкумина негови современици се преместени на необележана гробна парцела, на крајот на гробиштата.
По објавувањето на телевизиската сторија на Канал 5, државата најави враќање на посмртните остатоци на Брашнаров во Македонија.
Неодамна од гробиштата во Загреб информираа дека неговите посмртни останки не може да бидат вратени во Велес, каде што е роден, бидејќи бил погребан во заедничка гробница, со други лица и не може да се идентификуваат неговите останки.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Кои биле „министрите“ во Привремената влада на Крушевската република
Користени материјали од Википедија