Прашина како да сме во пустина, скршени дрвја, уништени автомобили, паднати кровови. Ова е сликата по вчерашниот краткотраен силен ветер што го зафати Скопје, а кој се чини покажа колку е валкан и несреден главниот град на Македонија.
Граѓани на социјалните мрежи со право реагираат дека долгогодишната негрижа на локалната и на централната власт придонесе за ваквата катастрофална состојба, која освен што предизвика материјални штети може да биде опасна и по животот на скопјани.
Не треба да се заборави дека силниот ветер ја зголеми загаденоста на воздухот за повеќе од 35 пати над дозволеното, што е своевидна еколошка катастрофа што негативно влијае врз здравјето на граѓаните, а посебно кај најмладите и хронично болните.
Краткотрајниот ветер како да сакаше да најави дека претстои заладување и зимскиот период во кој веќе навикнавме да се гушиме во загаден воздух. За жал, ниту локалната, ниту централната власт во изминатиов период и покрај декларативните заложби не направија ништо да се намали загаденоста на воздухот заради што е извесно дека претстојната зима повторно ќе дишеме „на шкрги“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Пустинската олуја“ ги крена параметрите на загаден воздух во Скопје до плафон
(ВИДЕО) Скопје не се гледа од прашина