еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Правото мора да биде загарантирано и во време на криза: Цените за абортус на приватните клиники, зголемени двојно

Родово праведно општество во кое абортусот ќе биде безбеден, легален и пристапен за сите жени, без стигма и дискриминација – ова е барањето што денес, на 28 септември – Меѓународниот ден на безбедниот абортус, го упатуваат илјадници поборници за репродуктивна слобода до своите влади во светот.

По тој повод, Платформата за родова еднаквост нагласува дека пристапот до услуги за репродуктивно здравје мора да биде гарантиран, дури и во услови на криза.

„Ова е особено важно ако се земат предвид економската и воената криза кои директно влијаат на финансиската и социјалната стабилност, а со тоа и на добросостојбата на луѓето низ светот, па и во земјава.

Иако постојниот закон за прекинување на бременоста во Македонија е полиберален од претходниот, тој сепак не предвидува покривање на трошоците доколку оваа здравствена услуга се бара поради социјални или материјални причини.

Третирајќи го абортусот како есенцијална здравствена услуга само кога постои медицинска причина, Фондот за здравствено осигурување и останатите надлежни институции ги доведуваат во безизлезна ситуација жените кои не сакаат да ја продолжат бременоста и кои се во социјален ризик или живеат во сиромаштија,“ се вели во соопштението.

Во него се додава дека за неполна година, цените за абортус во приватните болници во Македонија двојно се зголемија и сега оваа услуга чини 350-400 евра.

„Дополнително, медикаментозниот абортус (абортус со лекови), кој е побезбедна и поевтина опција од хируршкиот метод, е достапен само на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, но не постојано поради дисконтинуитет во испораката на потребните лекови.

Жените од другите градови, пак, ја немаат оваа алтернатива не само поради недостапните лекови, туку и поради недоволно обучениот кадар во локалните државни болници.

Оттука, Платформата за родова еднаквост апелира надлежните институции во земјава да ја препознаат потребата на сиромашните и маргинализираните жени за абортус и да овозможат финансиски достапни цени за оваа есенцијална здравствена услуга, особено во време на криза.

Во спротивно, државата директно (ќе) ги турка жените во уште поголема сиромаштија и во социјална небезбедност, а не е исклучено и дека ќе ги присили да побараат поевтини нелегални опции за абортус, со што директно би биле загрозени нивното здравје и добросостојбата на нивните најблиски,“ се додава во соопштението.

Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

За една недела 154 смртни случаи од Ковид-19 во 29 градови, најмногу во Скопје

Редакција

Обвинителство предложи одземање на пасошот за вториот напаѓач на Пендиков

Редакција

(Видео) Претседателот Пендаровски за момент „стана“ Црвенковски

Редакција