еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

„Правото за чествување на Гоце Делчев им припаѓа само на Македонците„: Реакција на група интелектуалци и професори

Во отворено писмо, група универзитетски професори и интелектуалци реагираат за најавеното заедничко чествување на 150-годишнината од раѓањето на македонскиот револционер Гоце Делчев со Бугарија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

На 4. февруари Бугарија и Македонија заеднички ќе ја чествуваат 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, најави Петков

„Се уморивме од постојаните реакции и укажувања дека владејачката политичка структура води анационална политика, додворувајќи ѝ се на Бугарија и прифаќајќи работи кои ниту една држава во светот не би ги прифатила, а кои водат само кон сопственото разнебитување.

Во тој контекст, деновиве добивме информација од бугарската страна за одлуката за‘заедничко чествување на Гоце Делчев‘. Од македонска страна – сѐ уште молк.

Кон ова треба да се додаде и барањето за постигнување согласност и прифаќање на некаква ‘заедничка бугарско-македонска историја‘, кое излегува надвор од научните рамки на историската методологија“, пишува во реакцијата.

Според потписниците на писмото, барањето за „заедничка историја“ е во спротивност со правото на самоопределување на секој народ кој има сопствена колективна меморија, која никој не може да ја избрише.

„Историјата и нацијата не се создаваат со декрет. Македонскиот народ има своја долга колективна меморија, свој јазик, традиција и култура, кои произлегуваат од неговото многувековно постоење.

Личностите и настаните што оставиле печат во меморијата на Македонците, поколенијата ги чествуваат со особена гордост, пренесувајќи им го тоа и на идните генерации. Во овие рамки е и чествувањето на Гоце Делчев, апостолот на македонското револуционерно движење, кој се жртвува за слободата на Македонија и кој им припаѓа на Македонија и на македонскиот народ.

За да чествувате нешто заедно, треба да ве спојува заедничка историја и заедничка идеја. А бидејќи македонската и бугарската историја и идеја се две различни истории и две различни идеи, не може да стане збор за заедничка историја.

Токму затоа, правото и светата должност да се чествува Гоце Делчев како Македонец кој се борел за автономна македонска држава во рамките на Османлиската Империја, како чекор кон создавањето независна држава на македонскиот народ, им припаѓа само на Македонците.

Тоа треба секој да го почитува и да го прифати. Делегација од која било земја, па и од Бугарија, во рамките на официјалниот македонски протокол, може да дојде и да положи венец или цвеќе на гробот на Гоце Делчев, изразувајќи почит кон еден од најголемите национални јунаци, чие место е исклучително во колективната меморија на Македонците и чие име се пренесува од генерација на генерација.

За такво нешто не може да стане збор во врска со бугарската колективна меморија“, велат тие.

Според нив, бугарското чествување би било во духот на досегашните изјави како од политичките така и од научните кругови дека Гоце Делчев е Бугарин и дека се борел за реализирање на Санстефанска Бугарија, т. е. Македонија како дел од бугарската држава.

Според тоа, велат, се поставува прашањето: што е тука заедничко? Ништо! Сето тоа, како што велат, е дури и навредливо, бидејќи на тој начин од „домаќините“ – од нас Македонците – се бара во сопствената земја да слушнеме како Бугарија не го признава нашиот идентитет, јазикот, културата и нашата колективна меморија.

„Уште повеќе – тоа значи дека го прифаќаме фактот дека 70 години сме живеле во заблудата дека сме однародени Бугари, кои се продукт на комунистичкиот систем на поранешната титова СФРЈ и создадени и измислени со декрет.

Поголема историска и политичка перверзија од оваа не постои во светот“, се вели во текстот на реакцијата.

Според нив, наместо историјата да им се остави на историчарите и за неа да се расправа таму каде што е место: на научни собири, конференции и дебати, македонските политичари, на кои, секако, им се брза, а притоа се и сервилни кон бугарските барања, не почитувајќи ја историската методологија, диктираат што и како ќе се чествува, и тоа сѐ поради уцените од Бугарија.

„Отавете им ја историјата на историчарите. Како политичари, правите само поголема штета како резултат на вашето незнаење. Не понижувајте ја сопствената историја и не потценувајте ги македонските историчари.

Генерации македонски, и не само македонски, научници наназад оставиле трајни сведоштва за македонската опстојба низ вековите. Сето тоа е преточено во томови монографии, зборници на документи, во илјадници статии објавени во домашни и во странски списанија.

Тие донесуваат значајни факти за историскиот развој на Македонците како народ со свој идентитет, јазик, култура и колективна меморија. Тоа никој и никогаш не може да го избрише!

Сето друго е политиканство за реализирање на одредени цели. Тоа книжно богатство ќе остане како вечен паметник на милиенумското постоење на Македонците во различни историски периоди“, пишува во реакцијата.

Под реакцијата се потпишани: Атанасовски Александар, Ачкоска Виолета, Аџиевски Коста, Божиновска Валентина, Велев Илија, Донев Јованче, Жежов Никола, Јосифовска Катица, Јосимовска Верица, Јурукова Нада, Котлар Наташa, Каракамишева Татјана, Марковски Благоја, Миноски Михајло, Миновски Константин, Најдовски-Перин Ицо, Николова Соња, Панов Митко, Ангеловска – Панова Маја, Русјаков Александар, Апасиев Димитар, Светозаревиќ Бранислав, Чепреганов Тодор, Чакарјаневски Ѓорѓи, Филипоски Тони, Теон Џинго, Нетков Мишко, Јордановски Кирил, Валентина Миронска, Марјан Ивановски, Goce Pangovski Washington State University USA, Елка Јачева Улчар, Игор Улчар, Велика Стојкова Серафимовска, Дарко Русевски, Катерина Тодороска, Билјана Ванковска, Наде Проева, Ристо Никовски, Богдан Богдановски, Снежана Филипова, Емилија Ватерс, Рајна Бадева, Тамара Јованов Апасиева, Новица Велјаноски, Славчо Ковиловски, Оливер Ромевски, Наташа Спирова, Митрополит Агатангел, Клетников Ефтим, Митревски Драги, Ачковски Ристо, Цветан Гавровски, Константин Димитров, Лилјана Димитрова, Стојановски Тихомир, Дуртаноски Георги Гоце, Дукоска Ана, Клетникова Фима, Филипчева Благојка, Василевска Иванка, Милошевска Ели, Шуплевски Александар, Кенков Ванчо, Павловски Горан, Софрониевски Валериј, Илиевска Наташа, Дамјановски Александар, Гушевска Лилјана, Димитрова Елизабета, Јованов Марјан, Јакимовски Антонио, Ана Никодиновска Крстевска, Попов Марјан, Цветановски Дејан, Стојановски Зоран, Малковски Ѓорѓи, Петковска Благица, Цветановски Гоце, Алексоски Стеван, Серафимовска Мимоза, Михајловски Ангеле, Цацков Кирил, Ристеска Фана, Јакимовски Горанчо, Петрески Дејан, Петрески Христијан, Марија Мицајкова Панова, Милена Ристова Михајловска, Цацков Оливер, Ацеска Наталија, Ацески Роберто, Јуруков Диме, Филиповска Слободанка, Наумоска Марина, Панов Александар, Николоски Кире, Николоска Лидија, Серафимов Ѓорѓи, Петрески Боге, Адмир Мусаи, Алексоска Катерина, Милевски Перо, Илиева Нада, Бојчевски Крсте, Мавчев Гоце, Дренковски Илија, Чакароска Билјана, Чакароски Владо, Јован Јованов и Јованова Верка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Лето“ во Македонија: Температура до 30 степени

Редакција

По повикот на Путин за мобилизација: Билетите од Москва до Белград во еден правец се продаваат и по цена од 5.600 долари

Редакција

Колкави се хонорарите на пејачите и актерите вклучени во кампањaта за претседателските избори?

Редакција