Никој во Македонија не ги бендиса скандалозните предлози на поранешниот македонски премиер и лидер на ВМРО Народна, Љубчо Георгиевски, чија партија е дел од коалицијата предводена од владејачката СДСМ.
Реагираа политичките партии, а социјалните мрежи се преполни со негативни коментари за неговите предлози за решавање на спорот со Бугарија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Од ВМРО-ДПМНЕ пристигна силна осуда за овој „мастер план за идентитетско обезличување“.
„За ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо да се согласи владата дека македонскиот јазик бил всушност бил бугарски, дека тој бил јазикот на коресподенција на македонските револуционери.
Неприфатливо е да се согласиме според тезата на Зоран Заев, пуштена преку Љубчо Георгиевски дека македонска нација е новосоздадена„, изјави Димче Арсовски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, од каде очекуваат осуда на идеите на Георгиевски и од Владата.
Од СДСМ пак посочија дека нивните ставови се различни од изнесените ставови на Георгиевски.
“СДСМ останува на своите јасни и веќе кажани ставови околу ова прашање.
Остануваме отворени за дијалог за изнаоѓање на решение меѓутоа повторувам уште еднаш македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се тема на разговор. Нити се разговарало, нити во иднина ќе се разговра на оваа тема.
Ставовите на господинот Георгиевски се негови лични ставови со којшто ние апсолутно немаме никакви допирни точки“, посочија од СДСМ.
Демократскиот сојуз пак за несериозни и аматерски ги отцени предлозите за решавање на спорот со Бугарија изнесени од Георгиевски.
“Зачудувачка е леснотијата со која Георгиевски лицитира со основните атрибути на македонскиот национален идентитет и се обидува да ги претстави како конструктивно решение во полза на двете страни.
Предлозите на Георгиевски, особено за настанокот на македонскиот јазик, се порадикални и подеструктивни дури и од предлозите на најзакоравените бугарски националисти.
Не е случајно што тие едногласно му честитаат на предлозите и му даваат безрезервна поддршка, зашто според нивниот тон и содржина, Георгиевски настапува како советник на бугарската влада.
Демократскиот сојуз смета дека во еден сериозен спор во кој се релативизираат и негираат основните идентитетски параметри на македонскиот народ, не смее да им се дава гласност на шарлатански предлози, каков што е последниот од некогашниот премиер Љубчо Георгиевски.
Со Бугарија немаме заедничка историја, ниту пак основа да славиме заеднички датуми и личности. Корените на македонскиот народ се длабоки и на никој нема да му дозволиме да ги сосече“, велат од партијата.
Фото: ВМРО Народна