Од гасоводот „Северен тек 2“ во Балтичкото Море се чини престана да истекува гас, соопштги данската енергетска агенција „Енергистирелсен“.
Агенцијата на Твитер објави дека компанијата која управува со гасоводот „Северен тек 2“ ја информирала дека притисокот во гасоводот се чини дека е стабилизиран.
„Ова укажува дека истекувањето на гас престанало“, објави агенцијата.
-Или гасоводот е целосно празен или притисокот на гасот во гасоводот и водата надвор од него се во рамнотежа, изјави портпаролот на агенцијата Улрих Лисек.
Портпаролот на гасниот гигант „Газпром“, кој е под контрола на Кремљ, изјави дека по експлозијата што погоди два цевководи во Балтичкото Море, протекоа 800 милиони кубни метри природен гас , пренесе Тасс.
Портпаролот Сергеј Купријанов преку видео врска на седницата на Обединетите нации изјави дека количеството ослободен гас е еднаква на тримесечната испорака за Данска.
За потсетување, во понделникот рано утрината, околу 2 часот по локално време, на површината на Балтичкото Море меѓу Шведска и Полска, на околу 23 километри југоисточно од данскиот остров Борнхолм, почнаа да се појавуваат меурчиња.
Тогаш беше објавено дека притисокот во гасоводот „Северен тек 2“ во текот на ноќта паднал од 105 на седум бари, што укажувало на истекување гас.
Гасоводот „Северен тек 2“ е долг 1.230 километри и се протега од Русија преку Балтичкото Море до Германија.
Требаше да транспортира милијарди кубни метри гас во Европа, а кога Русија ја нападна Украина, Германија одби да издаде употребна дозвола на операторот на гасоводот, па тој никогаш не беше пуштен во употреба.
МИА/Фото: Unsplash