Бојан Јовановски – Боки 13 денеска е прогласен за виновен за предметот „Меѓународен сојуз“, за што е осуден на единствена казна затвор од 9 години.
-Виновен е затоа што го сторил кривичното дело „Измама“ и „Перење пари“, истакна судијката Софче Гавриловска.
Јасна Мандиќ Ерцеговиќ е прогласена за виновна за кривично дело измама и е осудена на единствена затворска казна од 4 години.
Христина Блажевска пак е осудена на казна затвор од една година. Таа е ослободена од вина за кривичното дело „Измама“, но беше прогласена за виновна за помагање за извршување на делото „Перење пари“.
Фросина Ременски е ослободена од обвинението, а судијката истакна дека „јавниот обвинител не докажа дека обвинетата Ременски го сторила делото за кое се гонеше“.
Таткото на Бојан, Миле Јовановски пак е осуден на eдинствена условна казна од две години.
Невладиното правно лице Меѓународен сојуз е казнето со еден милион денари, а од обвинетите се одземаат предметите кои биле пронајдени во текот на истрагата и процесот. Судот пресуди и конфискација на имотна корист стекната или употребена за кривично дело.
Обвинетите се задолжени солидарно да им ја надоместат штетата на фирмите на бизнисмените Силјан Мицески и Адријан Амзоски кои биле доведени во заблуда и од имотот на своите компании на Јовановски преку Македонска авторска агенција му исплатиле износи кои надминуваат значителна вредност, и тоа 719.905 евра, односно 233.821 евра во денарска противвредност.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Обвинителката Трајчева ќе ја обжали ослободителната пресуда за Ременски за „Меѓународен сојуз“
Фото: МИА