Мерка притвор во траење од триесет дена определи судија на претходна постапка од Основниот суд Гостивар на мајката чие дете настрада во пожар во стан во Гостивар.
Таа вчера беше лишена од слобода под сомнение дека го врзала седумгодишниот син со синџир за нозете, што го отежнало неговото спасување од огнената стихија. Од судот потврдија дека решението за притвор е изготвено и жената е испратена во КПУ Скопје.
Претходно, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар издаде наредба за спроведување истражна постапка против С. Т. (36) од Ресен и живеалиште во Гостивар, поради основано сомнение за сторено кривично дело – Повреда на семејни обврски (член 203 став 2 од Кривичниот законик)
Осомничената жена, наведуваат од ОЈО, го малтретирала своето дете на возраст од седум години, кое го врзувала со ланец и катанец за креветот.
На 16 март, во станот во кој престојувало семејството избувнал пожар и затоа што било врзано за креветот детето не успеало да го напушти домот и го загубило животот. За кривичното дело за кое е осомничена жената е предвидена казна затвор од најмалку пет години.
Во меѓувреме, сè уште се работи на утврдување на причините за пожарот.
Останатите малолетни деца на осомничената се згрижени преку Центарот за социјална работа во Гостивар.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Приведена мајката на детето кое настрада во пожарот во Гостивар
МИА/Фото: Влада