Нашите барања се повеќе од правични, немаме никаква информација од Владата и се уште немаме покана за средба со нив. Податоци што вчера ги објави Државниот завод за статистика кажуваат дека мораме да седнеме што побрзо и да најдеме решение, бидејќи оние изјави на Владата дека ако дадат плати на вработените во јавен сектор, инфлацијата ќе порасне не се точни, порача претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски на вториот ден од предупредувачкиот протест на вработемите во државната администрација.
– Гледаме дека инфлацијата веќе во големи проценти расте. Растат цените на основните производи за живот, расте цената на млекото, јајцата, лебот, баш оние производи за коишто ние бараме плати да можеме да ги купиме и да ги однесеме дома. Не бараме плати за луксуз, не бараме плати за ништо друго, бараме плати за достоен живот, изјави Деаноски.
Тој оцени дека излезноста во текот на вчерашниот ден била повеќе од доволна, а за денеска најави дека очекуваат уште поголем одзив.
– Имавме излезност од сите вработени и членови и не членови на синдикатите. Ја препознаа вработените пораката на Синдикатот на УПОЗ, ја препознаа правичноста и праведноста позади таа порака и позади тие барања што заедно ги имаме со Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Имавме одредени притисоци вчера, денеска нема сега засега, се уште ни немаат пријавено за некакви притисоци, рече Деаноски.
Овие вработени што ги гледате зад нас, додаде тој, и денеска ќе добијат плата под минималната, бидејќи не се изменети последните закони.
– Вработените зад мене две години земаат под минимална плата, не само 18.000, туку и кога беше минималната плата 15.194 добиваа 14.500 денари. Од Министерството за финансии велат ние гледаме дали некој ќе земе денар плус, ако зема плус ја прекинуваме платата, ако земат под минимална плата нас не ни е гајле.
Законот за минимална плата важи за сите вработени во државата и не може да сепарираме приватен од јавен сектор. Кој ќе ја казни државата сега – инспекции ќе праќаме во приватниот сектор и ќе им даваме глоби на фирмите, а кој ќе ја казни државата.
Државата пак си одлучува да не ги почитува законите што ги носи. Кажа и претседателот на ССМ вчера спремни се претставки до инспекторатите надлежни за таа проблематика – колку ќе успеат да ја казнат инспекторите државата ќе видиме, порача Деаноски.
Во врска со изјавите што вчера ги даде премиерот Димитар Ковачевски за минималната плата, Деаноски рече дека не треба да се даваат изјави преку медиуми.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
– Сите синдикати се засегнати. Треба Владата да дојде, да не повика, да седнеме на маса и да го решиме проблемот. Ние во наредниот период ќе го очекуваме токму тоа. И во минатото имаме испратено барање за средба на кое немаме добиено одговор. Мислам дека поголемо барање од овие дводневни протести за средба не постои.
Ќе почекаме и доколку не добиеме покана и доколку не се реши проблемот ќе направиме консултации со нашето членство и како што реши членството да имаме протести денеска и вчера, така ќе одлучат во кој вид и во кој обем ќе продолжиме понатаму, рече Деаноски.
Во одговор на новинарско прашање тој појасни дека Законот за административни службеници не важи за вработените во Обвинителството и во судовите, туку важат Закон за јавна обвинителска служба и Закон за судска служба.
– Ако се измени Законот за административни службеници ќе добијат вработените, ако воопшто добијат корекција, во државната управа, односно во министерствата, агенциите и фондовите. По вокација сум правник и поранешен адвокат и не можам да разберам кога имате Закон за минимална плата зошто треба друг закон за да се добијат 18.000 денари минимална плата.
Нема правна логика никаква. Не знам кој го советува премиерот и што прават министрите и раководителите на финансии. Има Закон за минимална плата кој важи за сите вработени во државата, без разлика дали се во јавниот или приватниот сектор и тој е јасен 18.000 нето плата.
Сите луѓе требаше да добијат најмалку 18.000 денари плата, па потоа да се прават корекции, посочи Деаноски и нагласи дека ќе преземат правни постапки против државата.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски порача дека денеска се разбудивме со нова минимална синдикална потрошувачка кошничка зголемена за 920 денари, која, како што рече, во моментов изнесува 36.687 денари, а во јануари беше 35.811 денари.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Од почетокот на годината минималната потрошувачка кошничка пораснала за илјада денари
– Тоа јасно покажува дека е неопходно што побрзо да се случи линеарно зголемување на сите плати како што бараме ние од ССМ за да не биде обесправен ниту еден работник. И покрај што се ограничени маржите на основните производи, синдикалната потрошувачка кошничка со податоци издадени од Државниот завод за статистика ни кажува сосема спротивно. Инфлација има, но мора да му се помогне баш на работникот во оваа инфлаторна криза, потенцира Димовски.
Изабела Илиева, претседател на Синдикалната организација при јавните обвинителства посочи дека ова е првпат после 20-тина години на вработените во јавните обвинителства на некој начин да им дојде преку глава за да мораат да излезат надвор и да побараат усогласување со минималната плата.
– Ние не бараме покачување на платата, туку да се почитуваат законите и да дојде до усогласување со 18-те илјади минимална плата. Ако немаме скалесто или барем линеарно усогласување од 2.806 денари ќе дојде до изедначување на примањата на сите вработени од чистачка до раководител што не е во ред. Тоа создава огромно незадоволство, рече Илиева.
Таа нагласи дека не држат оценките дека не работи Јавното обвинителство и дека има ниски оценки за довербата во институцијата.
– Како вработени, ниту ги признаваме, ниту, пак, чувствуваме за потребно за тоа да се правдаме затоа што еден наш вработен работи со тројца обвинители. Бараме од министерот за правда да не не игнорира, да седнеме да разговараме, да најдеме заеднички јазик, да ни се кажат рокови и кога ќе се донесе Законот за јавна обвинителска служба и да се сменат бодовите за да може да ни се даде плата, а потоа да се договораат и сите други работи кои не мачат, потенцира Илиева.
МИА/Фото: МИА